Зошто очекувате работниците да имаат разбирање за вас, кога вие немавте разбирање за нив во ек на најголемата невработеност во државата?
Автор: Бобан М. Илијевски
Работната сила постојано ни се намалува. Работодавачите инсистираат на тоа да се зголеми квотата за увоз на работници од странство. Дали со ова ќе реши недостигот на работна сила?
Моето лично мислење е дека НЕ. Веќе неколку пати го имам споделено мислењето по ова прашање, но еве уште еднаш. Ние можеме да привлечеме работници од земјите со понизок стандард од нашиот, но кога истите ќе видат колку поголеми плати земаат странските работници во Србија и Хрватска, каде што потребата за работници е исто така голема, експресно ќе заминат да работат таму. Не знам. Можеби грешам, но се‘ ми се чини дека на крајот ќе испадне така.
Според најновите податоци, повеќе од 10,000 работници се на работа во Хрватска (најчесто сезонска), а големи се и бројките на луѓе од Македонија кои заминале на работа и во Германија од почетокот на годината. Луѓето постојано заминуваат да работат на Запад. Кој на 3 месеци, кој со бугарски пасош. Нема човек во државава кој не размислува дали да си замине, без разлика дали се во прашање млади или постари.
Тука сакам да го насочам вниманието кон нешто што е екстремно важно. Работодавачите (некои од нив) велат дека како бумеранг им се враќа тоа што кога невработеноста во Македонија била многу поголема, над 20 %, работничките права биле многу повеќе прекршувани, за да сега, кога бројот на работници е значајно помал, не можат да најдат луѓе за работа.
Навистина не знам што мислеа тогаш. Дека некој ќе ги трпи нивните „ако не ти одговара, ќе најдам друг“ или „работници има колку сакаш“? Самите увидоа дека тоа што го правеле им дојде преку глава, па сега молат ли молат за да им се нафати некој да им работи. Малку од малку ги зголемуваат платите, даваат бонуси, но некако тешко да дојдат до работници. Србите велат „тражили сте, гледајте“, епа сега гледајте и изнаоѓајте креативни начини за да привлечете работници. Друго не ви останува.
Не им плаќаа прекувремена работа, ги тераа да остануваат прекувремено, иако во некои случаи беа замолувани од страна на работниците да заминат, бидејќи на нивните деца им е роденден или пак требале да одат на некој семеен настан, а тие им велеа НЕ МОЖЕ. Сето тоа се бележи и памти.
Да си знаете за друг пат, за да не ги правите истите грешки. Мислам, ако сакате да имате некој работник плус.
Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник

