Излегување од рамките на држави со евтина работна сила и флексибилни аранжмани за вработување се дел од мерките потребни за поголема вработливост на младите
Бобан Илијевски
Според Николоски, освен формалното образование, работодавачите често го посочуваат недостатокот на „меки вештини“ кај младите. Тој вели дека образованието е фактор на страната на понудата, додека на страната на побарувачката исто така постои недостиг на квалитетни работни места. Додаде дека, поради тоа што младите најчесто се делумно активни, потребно е да се воведат и флексибилни аранжмани за вработување.
Македонските деца, оние коишто се родени во 2020 година, до нивната осумнаесетта година ќе постигнат само 56 % од човечкиот капитал, кој вклучува знаења, вештини, образование, добро здравје итн. Порталот работник неодамна направи споредба помеѓу земјите од соседството и Македонија на основа на податоците од Индексот за човечки капитал којшто го прави Светска банка. Споредбата покажа дека македонските деца кои се родени во 2020 година, ќе бидат најмалку продуктивни од своите врсници од соседните држави и од некои африкански држави, како Ангола и Маурициус.
Повеќе околу компаративната анализа можете да прочитате тука.
Причините поради коишто младите во Македонија постигнуваат најмал капитал или се најмалку продуктивни, според експертите, е неквалитетното образование и немањето на можности за стекнување на соодветни вештини и знаења кои би донеле до поголема вработливост.
Амбасадорката на Велика Британија во Македонија, Рејчел Галовеј на неодамнешното отворање на младинскиот центар во Битола посочи дека токму неквалитетното образование е причина за малата продуктивност, па затоа, како што рече, потребно е да се отвораат младински центри каде младите ќе можат да се стекнуваат со вештини кои му се потребни на пазарот на труд во Македонија.
Младинските центри имаат значење, но потребно е воведување на повеќе мерки за зголемување на вештините кај младите
Проф. Д-р Лазар Јовевски, експерт од областа на трудовото право од Правниот факултет во Скопје, на прашањето дали само отворањето на младински центри ќе биде доволно за младите да имаат поголеми шанси да се вработат, за порталот Работник рече дека секогаш поддржува иницијативи кои придонесуваат за подобрување на можностите за вработување на младите.
Според него, отворањето на младински центри каде тие ќе се стекнуваат со вештини за нивна поголема вработливост би можело да има значење. Тој објасни дека младинските центри би можеле до некоја мера да придонесат да се зголеми искуството и CV – то на младите.
Сепак, тие не би биле доволни за да се реши проблемот кој во најголем дел е системски, дополнува Јовевски.
Потребно е да се направат промени од корен во повеќе аспекти од кариерното насочување на младите до нивното вработување и останување во работен однос, дециден е Јовевски.
За истите прашања, побаравме одговори и до Универзитетскиот професор Димитар Николоски, експерт од областа на пазарот на труд од Економскиот факултет во Прилеп.
Николоски смета дека вработливоста на младите би можела да се зголеми преку повеќе мерки, а една од ни е Гаранцијата за млади која се спроведува преку Агенцијата за вработување. Тој посочи дека би можело да се искористи и социјалното претприемништво, кое не е доволно експлоатирано. Според Николоски преку него би можела да се пополни празнината во вработувањето на ранливите категории, како што се младите, на пазарот на трудот.
„Реформи во високото образование со акцент на практична настава“
Прашан за тоа што може да се направи дополнително за да им се овозможи на младите да се стекнат со вештини и знаења, Јовевски посочи дека во повеќе наврати зборувал за тоа дека тие треба да се подготвуваат за вработување уште во текот на формалното образование, преку практична работа и професионално насочување во текот на образованието.
Веројатно треба да се искорени менталитетот кој е останат од многу дамнешни времиња “Учи за да не работиш“ и самите ние како родители, бидејќи и јас сум родител на тинејџери па сум во фаза кога се трудам барем како родител да ги насочам моите деца за нивната кариерна определба според нивните интереси и способности. Не сметам дека треба да имаат иста струка како мојата, повеќе би сакал да се пронајдат онаму каде што нивните интереси се во согласност со нивните способности. Мислам дека самите родители треба да бидат пореални и да имаат прагматичен пристап при насочувањето на нивните деца, а од друга страна наставниците и професорите во основно и средно образование би требало да ги насочуваат младите кон струка за која покажуваат интерес и имаат капацитет да ја усовршат, вели Јовевски.
За него, вели, е поважно во Македонија да има чесна младина која чесно работи и заработува, отколку млади кои се незадоволни и имаат нереални очекувања од работата и воопшто од животот.
Порача дека младите треба да се свесни дека тие се движечка сила на општеството и дека нивниот професионален ангажман, во која било струка, ќе значи учество во економските текови, односно во продуктивноста на трудот која придонесува за економски развој на земјата.
Професорот Николоски вели дека дуалното образование би требало да обезбеди вештини кои ќе бидат соодветни на потребите на работодавачите. Додаде дека треба да се направат реформи во високото образование и треба да се стави поголем акцент на практичната настава.
Усовршување на меки вештини и подобар третман на наставниот кадар од страна на државата
Постојано се вели дека во Македонија образованието е неквалитетно, па поради тоа има и нестручни работници. Секоја власт во својата изборна програма ветува дека ќе го унапреди образовниот систем, но тоа некако тешко оди.
Професорот Јовевски вели дека образованието треба да им дава основа на младите уште од најрана возраст за основните науки, со цел тие да развијат интереси кои подоцна би им помогнале кариерно да се насочат.
Во основно училиште процесот е воспитно- образовен, така што воспитната компонента има голема улога во општиот развој на младиот човек. Веќе во средно образование е клучно младите да се правилно кариерно насочени во струка од која или би можеле веднаш да излезат на пазарот на труд, или пак струка од која би можеле да продолжат на високо образование, истакна Јовевски.
За да се зголеми квалитетот на образованието, вели тој, пред се‘, треба да има професионален и мотивиран наставен кадар, кој стручно ќе ги води младите низ воспитно – образовниот процес.
Јовевски се осврна и на штрајкот на просветните работници преку коишто тие го изразија своето незадоволство.
Со оглед на начинот на кој државата се однесува кон наставниот кадар од самата најава на штрајкот, како и со оглед на текот на преговорите со синдикатот, сметам дека не сме на добар пат зашто резултатот, барем досега, е незадоволство од страна на наставниците и создавање атмосфера на нетрпение која понатаму се рефлектира и на нивниот однос кон учениците, наместо однос кој би требало да се темели на меѓусебно разбирање и почитување, како и авторитет од страна на наставниците. Квалитетното образование вклучува повеќе компоненти, од кои една значајна компонента е и оваа, вели Јовевски.
Истакна дека потребно е и периодично да се ревидираат и наставните програми и да се регулира продуцирањето на кадар според потребите на пазарот на труд, за да се избегне структурна невработеност кај младите. Смета дека треба да се размислува и пошироко од земјава и да Македонија да излезе од категоријата на земји со евтина работна сила доколку се сака да се создаде млад квалификуван кадар.
Според Николоски, освен формалното образование, работодавачите често го посочуваат недостатокот на „меки вештини“ кај младите. Тој вели дека образованието е фактор на страната на понудата, додека на страната на побарувачката исто така постои недостиг на квалитетни работни места. Додаде дека, поради тоа што младите најчесто се делумно активни, потребно е да се воведат и флексибилни аранжмани за вработување.

