(ИНТЕРВЈУ) Работниците можат индивидуално да се зачленат во КСС и да добиваат бесплатна правна помош
Бобан Илијевски
Интервју со Раководителот на административно – правниот сектор во Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Даниела Јаневска, во кое таа зборува за бесплатната правна помош која КСС започна да им ја дава на поединци кои ќе се зачленат во синдикатот, за тоа дали повеќе барања за бесплатна правна помош има од вработени од јавниот и од приватниот сектор, како и на други теми.
„КСС секојдневно добива голем број на барања за бесплатна правна помош. Бројот варира зависно од периодот,најзачестени се барањата за време на исплата на К-15 кон крајот на календарската година и за време на користењето на годишните одмори, а и со почетокот на пандемијата, каде многу права од работен однос беа нејасни, но и укинати. Добиваме и по 50 повици дневно, месечно се водат најмалку 20 нови слуачи, што не е добар индикатор за почитување на правата од работен однос од страна на работодавачите“, вели Јаневска во интервјуто за „Работник“.
Во продолжение следува целосното интервју:
Работник: Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија од неодамна започна да нуди бесплатна правна помош на оние работници на коишто им е потребна. Што Ве поттикна да направите ваков чекор? Колку работници досега побарале бесплатна правна помош од КСС?
Јаневска: Уште од самото основање на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, секој член кој членува во рамките на гранските синдикати при КСС, го ужива правото на бесплатна правна помош, еден од основните бенефити кои ги добива со зачленување во КСС. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија континуирано работи на подобрување на услугите кои што ги нуди за своите членови и постојано го зголемува капацитетот на правната служба која е во служба на членството.
Неодамна започнавме да нудиме и поинаков вид на членство во КСС, а тоа е индивидуално зачленување. Што тоа значи? Тоа значи дека доколку работниците не можат да формираат синдикална организација, можат да се зачленат во КСС индивидуално со што добиваат можност за користење на бесплатната правна помош.
КСС секојдневно добива голем број на барања за бесплатна правна помош. Бројот варира зависно од периодот,најзачестени се барањата за време на исплата на К-15 кон крајот на календарската година и за време на користењето на годишните одмори, а и со почетокот на пандемијата, каде многу права од работен однос беа нејасни, но и укинати. Добиваме и по 50 повици дневно, месечно се водат најмалку 20 нови слуачи, што не е добар индикатор за почитување на правата од работен однос од страна на работодавачите.
Работник: Од кои сектори (јавниот и приватниот) стигнуваат најмногу барања за давање на правна помош?
Јаневска: Иако поголемиот број од членството на КСС се вработени во јавниот сектор, сепак можам да кажам дека и голем број од вработените во приватниот сектор се обраќаат за правна помош во КСС, а не се членови во синдикат. Нив најчесто не им е дозволено во приватните фирми да формираат синдикат или пак вработените не се охрабруваат на тој чекор. Тоа не поттикна да овозможиме и членство и за овие вработени преку индивидуалното зачленување за да ја направиме услугата бесплатна правна помош достапна за што поголем број на работници.
Работник: За кои прекршувања на правата од работен однос се најголем дел од барањата за правна помош?
Јаневска: Барањата за правна помош од синдикатот се различни, почнувајќи од неисплата на регрес за годишен одмор, неисплата на додатоци на плата, најчесто додаток за работен стаж, работа во недела, работа за време на празник, прекувремена работа, јубилејни награди и сл. Работниците честопати и не го уживаат и уставно загарантираното право на користење на годишен одмор, а пријавуваат и неправилности во постапките за дисциплинските постапки, преместувања на други работни места несоодветни на нивната стручна спрема, на голема одалеченост од местото на живеење, неосновани откази, мобинг и сл.
Работник: Како оди процедурата за давање на бесплатна правна помош?
Јаневска: Сите членови кои имаат потреба од користење на бесплатна правна помош можат да се обратат до синдикалниот претставник кој понатаму ќе ги упати за начинот на добивање на бесплатна правна помош во рамки на правните служби во рамки на гранските синдикати или директно во канцелариите на КСС на e-mail pravnapomos@kss.mk или на тел. 02 2466 238 и правните служби ќе се погрижат секој член да добие правна помош. Сепак сакам да им порачам на работниците, кога ќе се соочат со прекршување на права од работен однос веднаш да реагираат заради запазување на роковите.
Работник: Како КСС гледа на трансформирањето на работниот однос од неопределено на определено работно време, феномен којшто е најмногу застапен во приватниот сектор? Што би им препорачале на работниците кога ќе се најдат во ситуација да бидат принудени да потпишат ваква спогодба? Како да постапат?
Јаневска: Со сегашното законско решение трансформацијата од неопределено време на определено време не е забранета, но единствено доколку работниците сами потпишат спогодба. Затоа им порачуваме на работниците да не потпишуваат вакви спогодби кои им би ја загрозиле сигурноста на нивното работно место. Сведоци бевме дека во време на пандемија некои работодавачи ја злоупотребија оваа законска можност за откажување на договорот на работниците. Уште еднаш им порачуваме на работниците да не потпишуваат било какви спогодби, да реагираат навремено и веднаш да се консултираат со синдикатот кога добиваат сомнителни понуди од работодавачот.

