Вести

Квалитетно дуално образование е важно за иднината на учениците но и на компаниите, заедно со сите засегнати страни креираме уписна политика

Квалитетното образование е важно за успешната иднина на секој ученик пооделно но подеднакво е важно и за иднината на државата. Затоа за Владата и за Министерството за образование и наука, реформите во образованието имаат висок приоритет, како еден од клучните чекори за развој на човечкиот капитал и трансформација на општеството. Погледнато и од аспект на локалните самоуправи и компаниите кои тука работат, промените во средното стручно образование, насочени кон унапредување на дуалното образование, имаат за цел преку повеќе практична работа на учениците а помалку теоретска настава, да создадат висококвалификувани кадри за кои пазарот на труд има потреба. Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на средбите со претставници на општините, на бизнис заедницата и директорите на средните стручни училишта, што во рамки на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ денеска се одржаа во Битола.

„Целта на овие средби е низ конструктивен разговор заеднички да ја согледаме потребата од одредени струки и профили кои недостасуваат на локално ниво, но и да преземеме конкретни активности за можноста за нивно оформување во дуални паралелки, уште од идната учебна 2022/23 година. Убеден сум дека оваа средба ќе резултира со креирање на квалитетни уписни политики за средното стручно образование за новата учебна година“, рече министерот Шаќири.

Како резултат на минатогодишниот социјален дијалот, во Битола, Ресен и Демир Хисар се отворија вкупно 5 дуални паралелки со запишани 67 ученици.

Министерот информираше дека на прашалникот доставен до компаниите пред почетокот на дијалогот, одговориле дури 400 компании од кои над 90% изразиле желба да се вклучат во создавањето на дуалните паралелки и да примаат ученици на пракса.

„Сакам да напоменам дека покрај големата веројатност за брз работен ангажман по завршување на средното стручно образование, важен мотив за учениците за запишување во дуалните паралелки, се и стипендиите кои ги доделува МОН. Месечната стипендија за учениците во дуалните паралелки изнесува 3.500 денари, а тоа е добар приход за учениците додека се образуваат“, посочи министерот.
Тој ги повика компаниите активно да се вклучат во креирањето на уписната политика, како најефективен начин за обезбедување на кадарот кој недостасува на пазарот на труд.

Претходно, средба се одржа и во општина Прилеп, на која присуствуваше заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу. Пред присутните претставници на сите заинтересирани страни, Алиу рече дека оваа општина минатата година имаше одлични резултати од дијалогот и во учебната 2021/2022 се отворија вкупно 7 дуални паралелки со вкупно 99 запишани ученици.

“Минатата година не успеавме да воспоставиме дуална паралелка во Крушево, но искрено се надевам дека по овој дијалог што го водиме денеска овде ќе го постигнеме и тоа за наредната учебна година”, потенцираше Алиу, апелирајќи на компаниите да размислат за активно вклучување во дуалното образование, како докажан начин за образување кадри кои веднаш по завршувањето на средното стручно училиште, се подготвени за вклучување во работниот процес.

Средното стручно образование е проодно кон високото образование и истовремено обезбедува подобра стартна позиција за студирање на техничките факултети.