КОВАЧЕВСКИ: СО КОНТИНУИРАНА ПОДДРШКА НА КОМПАНИИТЕ СОЗДАВАМЕ УСЛОВИ ЗА РАСТ НА ПЛАТИТЕ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи ја посетија компанијата „БиМилк“ во Битола, една од најголемите компании во млечната индустрија, по повод 70 години постоење и работа на македонскиот пазар.
За тој тип на иницијативи и деловна храброст, и во услови на криза, Владата континуирано издвојува средства за поддршка на компаниите и создаваме услови за раст на платите.
– Во услови на пандемија, донесовме и имплементиравме шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра. Со оваа ефикасна антикризна стратегија која беше признаена и од меѓународните институции како Меѓународниот монетарен фонд, беа сочувани околу 60-80.000 работни места и беа поддржани преку 20.000 компании. Ова само ја потврдува определбата на Владата за одговорно владеење и грижа за стандардот на граѓаните и унапредување на економијата. Посветено работиме за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна. Уште на почетокот ги преземавме сите неопходни чекори за да се ублажат ценовните шокови. Брзо и навремено, донесовме пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за да се амортизираат притисоците врз стандардот на граѓаните и да се обезбеди ликвидност на компаниите. Истите со голема брзина се операционализираат и веќе даваат резултати. – рече Ковачевски.

