Светот на работникот

Македонскиот работник сонува плата од 730 евра!

Алма Кариер С.Македонија, најпозната по својот портал Vrabotuvanje.com, и оваа година за време на Регионалниот саем за вработување спроведе истражување чија цел беше да се утврди состојбата на пазарот на труд во Македонија и регионот.

Во истражувањето учествуваа повеќе од 5.000 испитаници, од кои над 900 од Македонија, а спроведено е во соработка со партнерските портали од регионот: MojPosao.hr – Хрватска, MojPosao.ba – БиХ и PosloviInfostud.com – Србија.

Истражувањето беше спроведено како стандардно испитување на ставовите на јавноста преку 20 прашања, од кои одредени групи прашања беа фокусирани на 3 демографски групи на испитаници: вработени, невработени и оние кои се уште учат/студираат.

Работодавачите можат да нè освојат со висината на платата и добрите меѓучовечки односи

Како и минатата година, висината на платата останува најважен фактор при избор на нова работа, што во просек го потврдија две третини од испитаниците. Добрите меѓучовечки односи исто така ја задржаа својата исклучителна важност, заземајќи го второто место на листата на приоритети.

Иако испитаниците ги земаат предвид и другите аспекти при изборот на работодавач, тие имаат помало значење. Трето место зазема работното време, додека можноста за учење и професионален напредок се наоѓа на четвртото место. Сигурноста на работното место како клучен фактор е важна за секој петти испитаник.

Во Македонија најважна е висината на платата (71 %), зад која следат добрите меѓучовечки односи (60 %). Интересно е што на третото место е работното време (35 %), дури пред можностите за учење и напредување (32 %), но и пред флексибилноста на работното време и место (24 %).

Иако редоследот на најважните работи на работното место е речиси ист во сите земји, постојат неколку разлики. Така, на пример, за испитаниците од Босна и Херцеговина висината на платата не е на прво место, туку тоа се добрите меѓучовечки односи.

Во Хрватска платата е нешто поважна отколку за испитаниците од другите земји (74 %), додека во Босна и Херцеговина е најмалку важна во споредба со другите (55 %). Од друга страна, можноста за учење и напредување испитаниците од Босна и Херцеговина ја перципираат како поважна (38 %) отколку испитаниците од другите земји, исто како и сигурноста на работата (28 %).

Што е клучно за да се „освои“ работодавачот?

Ги прашавме учесниците во истражувањето што сметаат дека е најважно за добивање работа, односно што можат да направат за да го освојат потенцијалниот работодавач.

Најмногу испитаници од Македонија (32%) сметаат дека тоа е нивната мотивација и желба за вработување. На второ место се знаењата и вештините (25%). Нешто помалку, или (21 %) од испитаниците сметаат дека за добивање работа е важно работното искуство.

Дека среќата е најважен фактор за добивање работа сметаат само 5% од испитаниците, а 7% ги истакнуваат добрите контакти и познанства. За формалното образование се одлучиле само 1% од испитаниците, а нешто повеќе или 3% сметаат дека е важна партиската припадност.

На регионално ниво, испитаниците од Македонија го сметаат работното искуство за поважно од останатите, додека испитаниците од Босна и Херцеговина знаењата и вештините ги сметаат за помалку важни отколку другите.

Колкава плата сакаме?

Кога станува збор за платата што испитаниците би сакале да ја имаат за нормален живот, најголем дел од испитаниците од Македонија (33 %) сакаат примања до 730 евра. 29% би сакале плата од 731 до 1060 евра, а само 20% од 1061 до 1330 евра плата. Нешто поамбициозни очекувања, односно плата од над 2000 евра, имаат само 7% од испитаниците.

Во однос на покачувањето на платите, само 19 % од испитаниците добиле покачување оваа година, додека 15 % добиле корекција на платата поради инфлацијата, што е слично на лани. Скоро половина од испитаниците (46 %) ниту добиле ниту очекуваат покачување, додека 21 % се надеваат дека ќе го добијат до крајот на годината.

Ситуацијата е слична во сите земји во регионот, но испитаниците од Македонија се нешто пооптимистични кога размислуваат за можноста да добијат покачување оваа година.

Со оглед на покачувањата – или нивното изостанување – не изненадува фактот што повеќе од половина испитаници планираат да ја сменат работата во следната година. Најмалку намера за промена имаат испитаниците од Хрватска (51 %), што е значително помалку од минатата година кога тоа планираа две третини. Најмногу нова работа планираат да бараат испитаниците од Босна и Херцеговина (69 %).

Стравот од губење работа е сè помал

Трендот на намалување на стравот од губење работа продолжува и оваа година. Додека во 2020 година дури 36 % од вработените стравувале за своето работно место, денес таа бројка изнесува 18 %.

Најголем страв од губење работа имаат испитаниците од Србија (30 %).

Само 13% од испитаниците би работеле државна работа

Како и минатите години, кога би избирале компанијата според сопственоста, испитаниците од Македонија најмногу би избрале приватна компанија во странско сопствеништво (47%), 23% би работеле во домашна компанија во приватна сопственост, а најмалку испитаници избрале сопствена компанија (13%). Популарноста на државните компании и јавната управа опаѓа, па така само 13% од испитаниците би избрале јавна установа во државна сопственост како свој работодавач.

Странско приватно сопствеништво е најпопуларно во Македонија и Босна и Херцеговина, додека домашни приватни компании најмногу бираат испитаниците од Словенија.

Приватните компании во странска сопственост се особено популарни меѓу испитаниците во Македонија и Босна и Херцеговина, додека во Србија повеќе отколку на друго место сонуваат за претприемништво (27 %).

Невработени

Од невработените испитаници од Македонија, најмногу (40%) се невработени 3 месеци или помалку, 24% се без работа од 3 до 6 месеци, додека 10% бараат работа подолго од 5 години.

Половина од невработените (50%) бараат било каква работа, без разлика дали е во струката или надвор од неа, додека 29% бараат работа исклучиво во струката.

Работа во струка најмногу бараат невработените испитаници од Србија и Босна и Херцеговина.

Недостаток од повратни информации од работодавачите

Иако е сè потешко да се најдат квалификувани работници, многу работодавачи и понатаму не даваат повратни информации на кандидатите. 32% од испитаниците се изјасниле дека никогаш не добиваат одговор на своите пријави, додека нешто повеќе, или 38% добиваат одговор ретко. 11% добиваат одговор на околу половина од пријавите.

Позитивни повратни информации најчесто добиваат кандидатите во Босна и Херцеговина и Македонија, додека во Србија само 11 % редовно добиваат одговор.

Овој недостаток од комуникација значително влијае на перцепцијата на работодавачите. Половина од испитаниците (50%) изјавиле дека нема повторно да аплицираат во компанија која не им дала повратна информација. Дополнително, 8 % ќе дадат негативен коментар за таа компанија пред пријателите и семејството, а 7 % наведуваат дека ќе избегнуваат да ги користат нејзините производи или услуги. Од друга страна, 42% од испитаниците тврдат дека неодговарањето на работодавачите не влијае на нивното мислење.

Младите сè пооптимистични во поглед на брзото вработување

25% од младите во Македонија кои сè уште учат или студираат веруваат дека нова работа ќе најдат во рок од еден месец по завршувањето на образованието, 42% сметаат дека за тоа ќе им бидат потребни до 3 месеци, додека 8% веќе чекаат работа или веќе работат.

За да стекнат некое работно искуство пред вистинското вработување, испитаниците се подготвени да работат хонорарно (33%) или да посетуваат пракса (58%). Интересен е фактот што не постојат испитаници кои би биле заинтересирани за волонтирање.

Најмалку оптимистични се испитаниците од Босна и Херцеговина, од кои половина (50 %) веруваат дека ќе бараат работа подолго од шест месеци.

За истражувањето

Во истражувањето учествуваа повеќе од 5.600 испитаници од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, од што повеќе од 900 испитаници од Македонија.

Од испитаниците од Македонија, 62% се жени, а 38% се мажи. Најголем дел од испитаниците се на возраст од 36 до 45 години (38%), 23% се над 45 годишна возраст, од 26 до 35 години имаат 24% од испитаниците. 15% од испитаниците се помлади од 25 години.