Матичарите утре на протест пред Министерството за финансии
Штрајкот на вработените во Управата за водење на матични книги утре се сели пред Министерството за финансии.
Независниот синдикат на матичарите при Конфедерацијата на синдикални организации најавува дека ќе го реализира најавениот протест пред ова министерство откако помина рокот во кој оттаму очекуваше одговор дали ќе има финансиски средства за реализација на барањата.
Синдикатот претходно ги усогласи барањата со ресорното Миниастерство за правда и чекаше виза за нив од Министерството за финансии. Барањата се однесуваат на зголемување на платите, потпишување нов колективен договор со кој се предвидени отпремнини, исплата на К-15 во висина од 60 проценти од просечната плата,а се бара и признавање на звањата на постарите вработени.
-Ние подолг период бараме да имаме средба, но немаме и ќе протестираме. Ако немаме средба, ќе ги радикализираме чекорите. Апелирам да смогнат сили и да седнеме на заедничка маса да најдеме решение за овој проблем што го имаат вработените, изјави Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.
Тој обвини дека нема социјален дијалог во државата и дека не може да се преговара само со одделни синдикати.
-Нема дијалог. Јавно прашувам дали Владата е на сите граѓани во државата или почна да ги бира синдикатите – овие се подобни, овие не. Бараме јавно да се произнесе дали има намера да го продолжи социјалниот дијалог со независните синдикати, рече Ристески.
Според него барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите за 2.806 денари нема да го реши проблемот имајќи го предвид порастот на инфлацијата.
Штрајкот на вработените во Управата за водење матични книги трае од 27 април. Граѓаните речиси цел месец не можат да добијат изводи од матичните книги на родените, умрените и венчаните, ниту да пријават новороденче или да закажат венчавка. Штрајкувачите од матично ги издаваат овие документи само за итните случаи, претежно за лекување во странство, а ги венчаваат само паровите кои закажале регистрација пред штрајкот.

