Мислат дека ако земаш плата, имаат право да ти натрупаат работни обврски
Многу ми се интересни оние работодавачи кои си мислат дека ако вработените земаат плати над просекот, имаат право да им натрупуваат работни обврски.
Мислат и дека тоа е оправдување да не им ги исплаќаат останатите додатоци коишто им следуваат согласно законите и Договорите за вработување.
Во Македонија има работници кои земаат големи плати, но и кои се преработени
За да биде појасно за оние кои го читаат писаниево, зборувам за работни места каде што платите се поголеми до средната плата која изнесува околу 21,000 денари. Да си објаснам за да не испадне после некој да рече: што тропаш зелени, кои големи плати?
За волја на вистината во Македонија има дејности каде што платите се над просекот. Тоа се ИТ секторот, финансиските и телекомуникациските дејности. Но исто така, има вработени коишто се соочуваат токму со преработеност. Како резултат на тоа, овие вработени се принудени да дадат отказ, сфаќајќи дека нивното ментално здравје и лична благосостојба се поважни од парите.
Голем број на реномирани истражувања коишто се направени во ек на пандемијата со Ковид-19 укажуваат дека на работниците се помалку важна им станува платата, а се повеќе сопственото ментално здравје. Поради ова, настана и т.н. “Голема оставка” во САД и Западна Европа, која верувам дека наскоро ќе се рашири и во нашиот регион.
Милиони Американци даваат откази од работа, а една од причините за тоа е токму преоптовареноста со работни обврски.
И оние кои се на минималец се натрупани со работни обврски
Кај нас и на тие коишто се на минимална плата, газдите им даваат многу повеќе работни задачи отколку што треба. Оттаму, работниците се принудени да извршуваат задачи кои не влегуваат во описот на нивното работно место. Ова го имам почувствувано на моја кожа, па добро знам. Нив не ги интересира колкава плата зема вработениот, туку колку повеќе да му сработи, за да му донесе поголем профит. Тоа е јасно како бистра изворска вода.
Во еден текст којшто го прочитав, а е од еден релевантен српски портал, се вели дека со тоа што работодавачите ги натрупуваат вработените,кои земаат повисоки плати, со обврски, самите на себе си прават штета – губат се повеќе работници.
Јас ги разбирам нашиве газди. Тие си мислат оти на работниците им требаат пари, па се во состојба да издржат се. Но се лажат. Гадно се лажат. И тоа дека се лажат се покажува во пракса. Тркалото се врти, работите се движат во поинаква насока. Доаѓаат нови генерации на работници кои размислуваат многу поразлично од нивните претходници. Ова размислување никако не оди во прилог на газдите, а тоа допрва ќе го увидат.
Се ближи времето на промени
Се ближи времето кога дури и за најниските работни позиции ќе треба да даваат поголеми плати. Дополнително на тоа, ќе бидат принудени и да воведат флексибилност и додатни бенефити за да привлечат нови работници.
Можеби многумина од оние кои ќе ја прочитаат анализава ќе си речат дека ние сме далеку од овие трендови кои ги посочив. Нив им оставам самите да увидат дали мојата прогноза ќе биде точна или не.
Светот е “глобално село”, меѓусебно поврзано. Многу лесно случувањата во една земја, особено веле – сила, на едниот крај на светот, можат да се одразат во земја на другиот крај на светот.
Оние погодности коишто ги уживаат, на пр. вработените во ИТ сектор, што мислите, од каде се пресликани? Од Запад. И сите останати трендови коишто се појавуваат на Запад ќе се пресликуваат и кај нас. Се разбира не во истата форма, но со слична содржина.
Тука морам да потенцирам дека се повеќе работодавачи и менаџери повикуваат на почитување на правата на работниците. Исто така, се повеќе инфлуенсери, особено на социјалната мрежа „LinkedIn“, испраќаат пораки дека треба да се внимавам на менталното здравје на работниците.
Сибел Терхар, која е меѓу топ 50 највлијателни личности на оваа социјална мрежа вели:
„Колку и да се одмарате од согорувањето, нема да успеете тоа да го направите се додека не го прекинете циклусот на преработување и престанете да бидете потценувани“.

