„Многу грешат компаниите кои наведуваат минимална плата за работни места каде што платата реално би требало да биде повисока“
Јас сум од оние менаџери за човечки ресурси кои сметаат дека транспарентната плата е најдобро решение, вели Билјана Чкламовска, професионалец за човечки ресурси во деветата епизода на „Работник Поткаст“.
Доколку една компанија која е општествено – одговорна има направено систематизација на работните места, каде што е и направена организација за тоа кое работно место во кој сектор припаѓа, кои се работните должности, описот на работата и позицијата, кои услови се бараат за тоа работно место; ако се знае кој на кого му одговара и кој пред кого одговара, тогаш секое работно место може да се смести во еден систем на плати кој исто така многу го поддржувам. Да речеме, мојот систем на плати во компанијата е направен според коефициенти, како што е даден пример во Општиот Колективен договор за стопанство – истакна Чкламовска.
Таа смета дека во тој случај работникот уште при доаѓањето на работа, ќе знае колку изнесува платата за одредената работна позиција. Нагласува дека зборува за основната плата, без надоместоци, додатоци и плата за работна успешност. Наведува дека бонусите се за оние коишто повеќе ќе се истакнат, а тоа е предвидено и во Законот за работните односи.
Со тоа што платата е точно определна, објаснува таа, се намалува можноста за конфликти, затоа што секој уште при доаѓањето ќе знае „каде му е местото под сонцето и колкава плата ќе зема“.
Сметам дека најправилно е платата да се наведе во огласот. Еве на пример, јас наведувам плата од – до, некој ранг, во смисла на тоа кога ќе дојде човекот на интервју и кога ќе ме праша зошто платата, да речеме. е од 24,000 до 30,000, јас му објаснувам како се стигнува до 30,000, колку брзо, а тоа зависи од самиот работник, и како може уште првиот или вториот месец да стигне до највисокиот ранг од платата што е определена за тоа работно место – вели Чкламовска.
Подвлече дека и Законот за работните односи обврзува да се пишува платата во огласите коишто се даваат во Агенцијата за вработување. Таму, како што вели, задолжително е да се наведе платата.
Чкламовска е на ставот дека многу грешат компаниите коишто наведуваат само минимална плата, за работни места коишто реално би требало да имаат повисока плата од минималната; каде се бара многу повеќе (работното место во описот бара факултет, дополнителни вештини, возачка дозвола, јазик)…, а на крај се нуди плата од 18,000 денари.
Навистина не соодвестува, и на таков оглас има помали шанси да се јават талентирани кандидати, затоа што тоа е потценувачки. Мислам дека е најдобро да биде реалната плата, а оној кој ќе биде спремен да се нафати да работи на таква работна позиција за таа плата – тука нема што да имаме дилеми – ќе се изберат само оние луѓе коишто ќе знаат – истакна Чкламовска.
„На прашањето ‘За која плата би работел/а најдобро е да се одговори со прашање“
Посочи и дека некои компании сметаат оти не треба да ја наведуваат платата, па користат фрази како „компетитивна“, „соодветна“. „Мене ми е најстрашно кога ќе напишат нудиме редовна плата. Мислам, во денешно време кому му е предизвик работи за редновна плата?“
Најверојатно, како што вели, на интервју за работа ќе ви биде поставено прашањето, кое според неа е веќе застарена прашална форма – „За која плата би работел/а?“.
Смета дека на такво прашање треба да одговорите со прашање. „Кој е рангот на плати за таа работна позиција?“
А можете и вака да одговорите:Претпоставувам дека вие веќе имате определено некаква плата за работната позиција. Дали може да слушнам од колку до доколку би се движела таа плата, па да видиме дали моите очекувања се реални.Значи, на овој начин да се избегне прашањето, затоа што канидатот тука е ставен во позиција ‘што да одоговорам?’ Ако кажам превисоко, нема да ја добијам работата, ќе мислат дека премногу барам. Ако кажам прениско, тогаш ризикувам да добијам помала плата од таа што е определена. Тие ќе речат ‘овој се согласи да работи за мала плата, толку ќе му дадеме’ – објасни Чкламовска.
Додаде дека потребо е во текот на интервју за работа и кандидатот и регрутерот да се најдат во разговорот.

