Останато

НАД 600 РАБОТНИ ДОЗВОЛИ: Од каде се најголемиот број од странските работници кои добиле дозволи за работа во Македонија?

Подготвил: Бобан Илијевски

678 странски државјани добиле дозволи за работа во Македонија во периодот од 1 јануари до 16.05. 2023. Најголемиот дел од нив или 346 се од Турција. Овие се податоците кои редакцијата на порталот Работник ги доби по испратеното Барање за информации од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи

Во истиот период минатата година, за работа во Македонија дозволи добиле вкупно 681 работник, од кои најголемиот дел биле повторно од Турција. Оваа бројка тогаш изнесувала 292 работници.

Податоците укажуваат на тоа дека во дадениот период, бројот на работни дозволи издадени во 2023 е за 0,44 % помал во споредба со оној од 2022 година, но бројот на издадени работни дозволи на турски државјани, во споредба со минатата година, во 2023 е зголемен за 15 %.

Нашите информации велат дека најголемиот дел од турските работници се ангажирани во градежниот сектор.

Инаку, вчера Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров истакна дека во Свети Николе, во посредство на српска агенција за вработување, биле ангажирани шест индиски работници за работа во млекара и на фарма.

Работодавачите бараат да се зголеми квотата за увоз на работна сила, како што велат, поради недостигот на работна сила.

Фото: Canva

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk