Останато

Не се ставајте во ситуација да ги трпите отровните колеги за да не бидете жртва на стресот

Автор: Бобан Илијевски

Ставовите искажани во колумната не се научно поткрепени, туку се мои размислувања за тоа како би требало да постапите во таква ситуација.

Токсичните (отровните) колеги ги има во секоја компанија, без разлика дали е таа микро, мала, средна или голема. Мислам дека голем дел од вас имале искуство со колега кој постојано ви влегува во збор, ви зборува зад грб или пак вашите идеи ги претставува како свои.

Ваквите колеги најмногу доаѓаат во израз во помалите компании, бидејќи во нив има најголема и најчеста интеракција меѓу вработените.

Ставени во неповолна ситуација, мислите дека единствено нешто што треба да направите е да ги трпите ваквите колеги. Тоа не е воопшто добро. Трпението на краток рок можеби ќе ви помогне, но на подолг рок ќе предизвика фрустрации и нервози, а сето тоа ќе предизвика стрес. Ќе почнете да губите желба да одите на работа, ќе го влошите вашиот однос со колегите со кои имате добра комуникација – и што е најлошо, бесот ќе го вадите на вашите дома, кои во дадената ситуација, не се ни криви ни должни.

Затоа треба навремено да реагирате. Земајќи го во предвид македонскиот менталитет, овој проблем, според мене, ќе треба да го решите на два начини:

  • да разговарате со токсичниот колега и на убав начин да му кажете дека неговиот однос кон вас не е во ред и
  • да се обратите до работодавачот и да побарате тој да го реши проблемот.

Првиот начин често може да не вроди со плод, а во одредени ситуации може и да го направи потоксичен веќе токсичниот колега. Со самото тоа што му велите да престане, му давате дознаење дека тоа што ви го прави допира до вас, а тоа може да го поттикне да продолжи да биде уште потоксичен.

Вториот начин може да биде потенцијално решение, но за да се случи тоа, работодавачот треба навистина да се грижи за состојбата на работното место. За жал, постојат газди што многу не се заинтересирани за тоа што се случува помеѓу колегите и тие нема да направат ништо за да ви помогнат.

Работодавачите кои навистина се грижат за вас и вашите колеги, ќе направат се што е во нивна моќ за да тоа прекине, па дури и да му дадат отказ на токсичниот колега.

Овие работодавачи сфаќаат дека со тоа што сте под стрес поради токсичноста од страна на некој колега, се намалува и вашата продуктивност, што подразбира дека и самиот работодавач е во загуба.

Вработените во големите компании можат да се обратат и до одделот за човечки ресурси, чија задача е да се погрижат за разрешување на дадената ситуација.

Немојте да заборавите дека никогаш не треба да им давате големо значење на однесувањата на вашите токсични колеги и никогаш немојте да потпаѓате под нив. Погрижете се што е можно побрзо да го решите тој проблем за да избегнете да бидете жртва на стресот кој е еден од најголемите непријатели на човекот во денешно време.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk