Светот на работникот

Неопходни се нови форми на договори за вработување за регулирање на конкретни професии

Дигитализација ги започна, а пандемијата ги забрза новите процеси на пазарот на трудот.

Се повеќе се појавуваат нови професии кои налагаат и нови форми на договори за вработување.

Експертите од областа на трудовото право се согласни дека новите форми на вработување сѐ повеќе се прифаќаат во Македонија.

 

Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски вели дека тоа е така оти им овозможуваат на работниците одреден степен на независност.

Глобализацијата си го прави своето – го спојува светот, бришејќи ги границите помеѓу работниците и работодавачите на светско ниво. Во денешно време можете да најдете еден куп на луѓе од Македонија кои работат за странски компании од својата спална соба.

Со тоа дека овој тренд е поттикнат од глобализацијата се согласува и професорот Јовевски, кој вели дека е неизбежен и дека е поволен бидејќи овозможува повисок приход за македонските граѓани, како и можност за дополнителна односно хонорарна работа, со оглед на тоа што платите во земјава генерално се ниски и не овозможуваат достоинствен живот.

Дигиталните професии земаат се поголем замав, како низ светот, така и кај нас. На деловната социјална мрежа LinkedIn можат да се најдат голем број на огласи каде што се бараат кандидати за работа во сферата на веб дизајн, дигитален маркетинг итн.

Дали е време да се земат во предвид други видови на договори за вработување?

За да ги регулираме нови форми на вработување, ќе биде потребно и да се воведат нови видови на договори за вработување кои би регулирале конкретни професии, кои се во некоја сива зона или се уредуваат на несоодветен начин кој понекогаш значи и изигрување на правото, вели Јовевски.

Се осврна и на пример за самовработен работник кој не е вработен во организацијацијата за која работи, туку работи за себе и е одговорен за успехот или неуспехот на сопствениот бизнис.

Според него. потребно е и дополнително специфицирање на одредбите за приправници и чираци и воведување на одредени договорите за вработување за практикантска работа и договори за ангажирање на  чираци кои би биле по блиски до класичните договори за вработување отколку до волонтирањето.

Потребна е правна регулација на новите професии

Поради фактот што новите професии се токму тоа – нови, сѐ уште не постојат начини како правно да се регулираат за да не дојде до злоупотреба од страна на работодавачот или работникот.

Професорот Јовевски вели дека нашето право го познава договорот за вработување на определено и неопределено време, дополнителна работа кај повеќе работодавачи, сезонска работа и работа со полно или скратено работно време, како најчести облици на регулирање на работните односи.

Дополнително, постојат договорите на дело, договорите за соработка, авторските договори, хонорарната работа, како и алтернативни начини со кои се уредуваат одредени односи, меѓутоа тоа се договори од облигациона природа, а не од трудово правна – истакна Јовевски.

Покрај нив, во трудовите односи во последните три децении, појасни Јовевски, се појавиле и голем број на флексибилни форми на вработување во зависност од местото и начинот на работење, како што се работа од дома, самовработување, работа надвор од просториите на работодавачот и работа на далечина, работа преку дигитални платформи, или пак во начинот на организирање на работното време.   

Фото: Приватна архива/Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk