МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

НЕПРИНЦИПИЕЛНО И НЕЧОВЕЧНО Е ДА СЕ ЗБОРУВА ЗА УКИНУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКО ПРАВО ПОРАДИ БИЗНИС ИНТЕРЕСИ

Бобан Илијевски

Првиот вицепремиер Артан Груби е на ставот дека треба да се измени законското решение за недела неработен ден. Неговото објаснување е дека истото ги затајува работните процеси во државата.

Порталот Работник побара коментар од Министерството за труд и социјална политика за изнесената изјава од страна на Груби.

Од МТСП посочија дека недела неработен ден е став на целата Влада која и го има изгласано.

– Вашето прашање се однесува на изјава во која вицепремиерот Груби посочи дека поддржува измени во законското решение за недела неработен ден, но тоа треба да биде консензуално од сите членови на Владата и потврдено од страна на Собранието, стои во одговорот од ресорното министерство.

За ова прашање, велат од таму, неопходна е дискусија со синдикатите и стопанските комори, кои ова прашање го имаат отворено поодамна, но секако секоја одлука треба да биде издржана и на нејзиното носење да претходат анализи.

– За ставот на работниците и работодавачите беше најавена анализа од страна на Стопанската комора, која напоменуваме дека не е сѐ уште стигната до нас, велат од Министерството.

Потенцираа дека оваа Влада решенијата од национален интерес „ги носи со социјалните партнери, затоа што социјалниот дијалог е основата за постоење на социјална правда во државата“.

Коментар за изјавата на првиот вицепремиер побаравме и од Сојузот на синдикатите на Македонија.

– ССМ и СГИП најостро ја осудуваат изјавата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби дека поддржува укинување на недела неработен ден, велат од ССМ и гранскиот синдикат при Сојузот, за градежништво, индустрија и проектирање.

Од ССМ го потсетуваат вицепремиерот дека правото на работникот да биде дома со неговото семејство, „како што тоа го прави вицепремиерот“, е утврдено по пат на социјален дијалог на барање на ССМ во согласност со сите социјални партнери и работодавачите и Владата.

– Истовремено, по однос на ова работничко право нема никакви информации дека негативно се одразило врз економијата, додаваат од синдикатот.

Во оваа прилика, посочија од ССМ, сакаме и да потсетиме дека Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи по однос на иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија.

– Уставниот суд констатирал дека со Законот за работни односи, се пропишува поволно законско решение од битно влијание врз материјалната и социјалната положба во остварувањето на правата на работниците, како што е остварување на неработен ден во недела и на празници, велат од ССМ.

Со ова, како што велат, се заштитуваат и промовираат правата и интересите на работниците, како од аспект на одмор во неработен ден, така и за надоместок на плата за работа во недела и празници.

Сакајќи да му се удоволи на еден работодавач (Бехтел и Енка) за бизнис интереси наспроти животот и здравјето на работниците, за синдикатите е нелогично, нечовечно и крајно непринципиелно да се зборува за измена или укинување на ваквото законско решение, истакнаа од таму.

– Бараме политичарите во иднина да се воздржуваат од вакви изјави кои се на штета на работниците. Иако со закон е дозволено за нив, не видовме ниту еден политичар во Владата, редовно да работи во недела (работен ден да му биде недела, а да одмара друг ден во неделата) во изминативе година и половина од кога е на сила ваквото законско решение, па да има право да говори за укинување на ова работничко право, потенцираа од ССМ.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk