ПравдаСветот на работникот

Новиот Закон за работни односи: Се‘ уште не донесен, а веќе има маани

Пишува: Бобан Илијевски

Новиот Закон за работните односи се‘ уште е во фаза на изготовка. Работодавачите велат дека има уште да се дскутира и преговара, бидејќи нема усогласеност за одредени одредби помеѓу социјалните партнери и Министерството за труд и социјална политика. Синдикатите пак, се поделени. Некои сметаат дека е потребен нов Закон, а некои велат дека потребно е само да се надополни и измени постоечкиот. 

Од надлежното министерство за труд и социјална политика на прашање на Порталот „Работник“ за тоа до каде е Законот за работни односи и кои се клучните новини во него, одговорија дека тој е во завршна фаза на усогласување, по што ќе следува јавна расправа. 

„Новиот Закон за работни односи кој се подготвува на транспарентен начин со вклученост на сите засегнати учесници во општеството, синдикатите, претставниците на работодавачите, стопанските комори и други партнери на социјалниот дијалог е во завршна фаза на усогласување, по што ќе следи јавна расправа“, рекоа од МТСП. 

Според Министерството, новиот Закон за работни односи е усогласен со трудовата регулатива на Европската унија и конвенциите на Меѓународната организација на трудот. Како што велат, во него постојат повеќе новини, меѓу нив се скратувањето на времетрањето на Договорите на определено време, доуредување на сезонската работа, родителското отсуство, татково и мајчино отсуство, флексибилни форми на работа од различни причин и сл. 

Голем број на одредби се‘ уште не се усогласени помеѓу синдикатите, работодавачите и Министерството за труд и социјална политика

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, кој е од самиот почеток е вклучен во изработката на Законот, за порталот „Работник“ вели дека идејата за да се донесе нов Закон за работните односи била поддржана од сите (синдикатите, работодавачите и невладините организации). Според него, целта била да се донесе нов Закон кој би бил попрецизен од постоечкиот, би донел одредени права за работниците и би бил поприменлив. 

Забележува дека по сите досегашни преговори, се‘ уште постојат голем број на одредби кои не се усогласени помеѓу социјалните партнери и надлежното Министерство. 

Бидејќи се работи за многу значаен закон, кој од една страна треба да обезбеди поголеми работнички права, а од друга да обезбеди одредена либерализација т.е. флексибилност во работењето на компаниите, потребно е понатамошно усогласување, се‘ со цел да се добие јасен и применлив закон кој ќе обезбеди нормално функционирање во сферата на работните односи“, вели Димитров. 

За работодавачите, објаснува, новите одредби во Законот во врска со содржината на Договорите за вработување и начинот на обезбедување на потребата од работници воведуваат дополнителни бирократски обврски на компаниите, а притоа истите не можат да ги спречат злоупотребите кои се прават од страна на некои работодавачи. „Неспроведувањето на некои постапки не можат да се решат со нивно зголемување туку со подобра контрола на спроведувањето на Законот“, дециден е Димитров. 

Работодавачите прифаќаат да се намали времетраењето на договорите на определено време од пет на три години, вели Димитров, предупредувајќи дека дополнителните ограничувања во овој дел, негативно ќе влијаат на отворањето на нови работни места и стимулирање на претприемништвото во земјата. 

Во делот на новите одредби за работа од дома/на далечина, за работодавачите не е прифатливо работникот да го одбие пристапот на работодавачот во неговиот дом или пак работодавачот да му обезбеди безбедни услови за работа кога тој работи од дома. Работодавачот, според Димитров, е должен да направи процена на опасностите по работникот кои произлегуваат од овој начин на работа, по што ако условите се лоши тогаш нема да се склучи Договор за работа од дома. 

Промени работодавачите ќе бараат и во сегментот на колективното преговарање, односно во одредбите коишто го третираат, а како пример Диитров ја даде одредбата за продолжено важење на колективните договори чиј рок на важност е изминат. 

Укажуваме дека во државава треба да се стимулира колективното договарање и да се склучат нови колективни договори, како Општиот колективен договор за приватниот сектор, така и многу грански договори. Но исто така сме против ‘вечно’ важење на колективните договори и не почитување на правото за откажување на било која од договорните страни“, истакна Димитров. 

Изрази надеж дека ќе се стави во ред и областа на застапување на работниците и работодавачите. Работниците треба да бидат застапени од синдикалните организации кои со слободна волја и без попречување ќе бидат регистрирани, а работодавачите во здруженија кои потекнуваат од работодавачите и во својот состав имаат најголем број на работодавачи во државата, потенцира Димитров. 

За дел од синдикатите нема потреба од носење на нов Закон за работните односи туку потребни се измени и дополнувања на постоечкиот

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија уште од самиот почеток кога се најави дека ќе се изработува комплетно нов Закон, изречно беше против. Нивниот став е дека нема потреба од носење на нов Закон, бидејќи потребно е постоечкиот Закон да се измени и надополни само 10 до 15 %. Да се поправат номотехничките и техничките грешки и да се доусогласи постоечкиот Закон со директивите на Европската унија и конвенциите на Меѓународната организација на трудот. Од таму велат дека постоечкиот Закон не е целосно применет, па оттаму не може да се увиди дали е добар или лош закон. 

Одредени здруженија и правници го делат истото мислење со КСС, а некои од нив отидоа еден чекор понапред и на МТСП му доставија листа на одредби коишто би требало да се изменат во постоечкиот закон. 

Фото: Pixbay