(АУДИО) И 500 евра ќе бидат малку, ако енормно растат трошоците
Бобан Илијевски
Без разлика на тоа колку и да сакаме да избегнуваме да зборуваме за тоа дека цените растат и дека доколку продолжат да растат со ваков интензитет и 500 евра плата ќе биде малку, едноставно е невозможно да се избегне оваа тема. Истата е рак рана за голем број на луѓе во Македонија коишто едвај врзуваат крај со крај.
Трошоците за живот растат секој месец, парите губат вредност, а стандардот на граѓаните бележи пад. Ваква отприлика е сликата на македонската економија во 2021 годината. Пандемијата со Ковид – 19 си го зема данокот веќе две години, предизвикувајќи огромни здравствени и економски штети на државата. На сметка на слабиот стандард пак, корупцијата напреднува и се развива тонејќи ја државата се подлабоко и подлабоко, како Титаник, на дното од океанот. Сепак, луѓето подолго време избегнуваат да тонат со државата, па се спасуваат заминувајќи надвор од неа.
Поразителни се и податоците за тоа колку луѓе во Македонија не можат да си обезбедат соодветно греење, коешто е фундаментално човеково право. Според истражувањето на професорот на Универзитетот во Манчестер, Англија Стефан Бужаровски, Македонија е енергетски најсиромашна земја во Европа. Секое трето домаќинство не може да си пружи греење преку зимскиот период. Уште повеќе поразително е тоа што, дури и граѓаните коишто имаат пари, не можат да ги загреат сите соби во домот. Конкретно, истражувањето покажало дека речиси 60 % од испитаниците немаат топол дом. Дополнително, податоците од студијата покажале дека покрај ниските примања, причини за енергетската неефикасност се и старите објекти, слабата изолација, немањето програма на градските власти и горењето цврст отпад.
Професорот смета дека гасификацијата нема да го реши овој проблем, поради тоа што цената на гасот постојано расте.
Вчера имавме и една вест којашто и тоа како не погоди, а таа дојде од првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимовски кој изјави дека од Нова година ќе порасне цената на струјата. Некои од медиумите пренесоа дека таа би можела да поскапи за 8 до 9 %, додека некои познавачи на областа рекоа дека цената може да се зголеми и за повеќе од 20 %. Со самото ова, народот е оставен во неизвесност, не знаејќи како ќе успее да ги подмири режиските трошоци чии цени постојано растат, а платите стагнираат.
Очигледно е дека час поскоро ќе мораат да се пронајдат алтернативни начини за да се обезбеди електрична енергија. Според мене, решението е во изворите на обновила енергија. Државата мора повеќе да инвестира во полето на обновливата енергија и да ги мотивира и насочува граѓаните да се насочат кон соларни панели. Јас во ова го гледам спасот. Македонија е држава која има 280 сончеви денови, па со тоа е идеална за да може да се насочи кон изворите за обновлива енергија.
Зелената економија е иднината на Македонија, но и на светот. Сегашната, линеарна економија преку која само се исцрпуваат ресурсите, а не се враќаат, доколку не се замени со циркуларна економија (претворање на отпадот во ресурс) ни се закануваат сериозни кризи. Народот станува се посиромашен, токму поради тоа што не се искористуваат други начини за да се избегне сиромаштијата. Ако продолжи вака да се одвива ситуацијата и 500 евра ќе се малку за да се живее пристојно.

