МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Определувањето на платите на новинарите се темели врз принципит „Што поевтино“ – Младите новинари мора да се изборат за зголемување на стандардите

Бобан Илијевски

Просечната плата во Македонија во јануари изнесуваше 29,980 денари. Со нејзиното зголемување, уште повеќе се прошири јазот помеѓу платите на новинарите и медиумските работници и просечната. Новинарите со подолг стаж велат дека платите биле отсекогаш под просекот, со оглед на тоа дека отсекогаш сопствениците на медиумите вработувале новинари според принципот „што поевтино“, додека младите се на ставот дека една од нивните задачи е да го подигнуваат тој стандард.

„Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници се‘ уште земаат плата далеку под просекот“

Теодора Цветковска, член на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ вели дека една од најпогодените групи се младите новинари.

Фото: Приватна архива

Според податоците со коишто располага ССНМ, вели таа, платите на најголемиот дел од младите новинари не ја достигнуваат просечната плата.

Анкетата којашто ја спровел ССНМ вели дека 6 % од младите новинари земаат плата помала од 25,000 денари. Најголемиот дел (27 %) од анкетираните рекле дека земаат плата помеѓу 15 и 20,000 денари, додека останатите 12,9 % одговориле дека нивната плата е од 25 до 30,000 денари, односно 24,6 % имаат плата повисока од 30,000 денари, вели Цветковска.

Таа наведе дека проблем се и нерегулираните договори на определено работно време и социјалното осигурување.

Тука проблем се и нерегулираните договори на определено и немањето на здравствено осигурување. Не познавам млад колега кој покрај работењето за плата која не може да ги задоволи основните потреби за достоинстевн живот, се изложувале себе си и на разни политички, здравстевни, безбедносни ризици притоа немајќи здравствено осигурување, истакна Цветковска.

Еден од подолготрајните проблеми коишто можеби е „рак рана“ на синдикалното делување на новинарите и медиумските работници е уредувањето на износот на платите којшто треба да се направи преку склучување на Колективни договори. Цветковска вели дека патот е долг и тежок кога станува збор за склучување на Колективни договори. Потенцира дека потребна е солидарност и меѓусебна соработка меѓу Синдикатот и сопствениците на медиумите.

Само со самоздружување за заедничка цел може да дојде до подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници односно  – како што велам јас само ние самите и никој друг може да ја спасиме фелата, додава Цветковска.

„Новинарите отсекогаш земале потпросечна плата“

Кога станува збор за платите, новинарите и медиумските работници секогаш ја делеле судбидната со просечниот македонски граѓанин. Тие биле и се‘ уште се под просек, вели Бранко Ѓорѓевски, новинар чија кариера во професијата датира од далечната 1986 година.

Фото: Приватна архива

Тој вели дека секогаш кога се зборува за примањата на новинарите и медиумските работници, треба да се направи разлика меѓу „обичните“ новинари и уредници и директори.

Разликата во примањата меѓу нив е огромна и е во прилог на уредниците и директорите. Зошто е така, не е тешко да се одговори. На сопствениците на медиумите кои имаат свои интереси заради кои стојат зад медиумот, им се потребни сигурни луѓе кои доследно ќе ја спроведуваат определената уредувачка политика, а определувањето на платите на „обичните“ новинари се раководи по приниципот „што поевтино“, вели Ѓорѓевски, притоа прашувајќи „зошто вие како газда би плаќале некој обичен новинар кој едвај чека да најде некаква работа повеќе отколку еден обичен продавач, обичен келнер, градежен работник…?“

Според него, сопствениците на медиумите во случајов се водат по логиката да даваат што помалку пари за најголемиот дел од редакциите. Така, објаснува, се знае дека платите на обичните новинари се под просечната плата во државата.

Ако просечна плата во земјава е малку под 30.000 денари, тоа значи дека новинарите имаат плати од 16,000, 18,000, 20,000 и малкумина до 25.000 денари, вели Ѓорѓевски и додава:

Така било и порано, односно, во таа рамка се движеле платите и во поранешниот систем; можеби биле малку повисоки. Разликата е во тоа што платите беа посигурни оти државата и партијата се грижеа за медиумите кои беа под државна и партиска капа и што редакциите беа многу побројни, а со тоа и обемот на работа беше помал. 

Новинарите и медиумските работници сега се многу несигурни во однос на своите примања, констатира тој, потенцирајќи дека имаат несигурен статус како вработени, со оглед на тоа дека најчесто се на договор на дело, а со тоа се лесни мети за отпуштање. Потенцира дека сега имаат значинелно поголем обем на работа, а тоа, како што вели, значи дека не можат да напредуваат во редакциите и не можат да се усовршуваат во своите области.

Едноставно кажано, подвлекува, новинарите ја делат судбината со најобичните работници во земјава и дополнува: „Тогаш што и каков квалитет да се очекува од нив?“

„Зголемувањето на платите и справувањето со останатите предизвици зависат од секој од новинарите“

Младата новинарка Бјанка Станковиќ вели дека земајќи го во предвид обемот на обврски коишто ги имаат професионалните новинари, како и земајќи го во предвид денешниот животен стандард, сегашните плати не се доволни за пристоен живот.

Станковиќ се осврна на истражувањето на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за платите, кое покажува дека најголемиот дел од новинарите земаат плата пониска од просечната плата во државата, додавајќи дека „тоа многу зборува каква е ситуацијата кај нас“.

Фото: Приватна архива

Според неа, покрај тоа што новинарите имаат мали примања, се соочуваат и со други предизвици, меѓу кои нередовното исплаќање на плати и надоместоци за прекувремени работни часови или за работа за време на празник, непочитување на законското право на одмор итн., кои, како што вели, дополнително ја отежнуваат сигурноста на професијата.

Токму овие предизвици во даден период секој новинар ги става на вага во врска со одлуката за тоа дали ќе продолжи да се занимава со професијата чија цел е навремено, точно, етичко известување и информирање во корист на јавниот интерес. Но сепак важно е да се потенцира дека зголемувањето на платите и справувањето со останатите предизвици ќе зависи од секој од нас, како и од поставувањето на стандардите, особено од страна на нас, младите новинари“, вели Станковиќ.

Новинарскиот кадар во Македонија е дефицитарен и мал е бројот на млади луѓе коишто ја избираат оваа професија. Една од најголемите причини за тоа се токму ниските плати.

 Фото: Pixаbay

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk