Светот на работникот

Плата 150,000 динари, а никој не сака да работи – овие занимања исчезнуваат во Србија. Македонија не е ништо подобра

Иако на градилиштата ширум Србија се во постојана потрага по работници, квалификувани тесари, ѕидари и армирачи има се’ помалку. Почетните плати за овие занимања достигнуваат околу 150,000 динари, додека искусните мајстори можат да заработат и повеќе од 2,000 евра месечно.

И покрај тоа, интересирањето на младите за овие профили драстично опаѓа, па поединечните насоки во средни училишта повеќе не постојат.

Во градежната школа Звездара, на пример, насоката за армирачи, тесари и ѕидари е укината токму поради недостигот од заинтересирани ученици. Директорот на школата Раде Зејак објаснува дека овој тренд не се случува од вчера, туку со години се приметува како што интересот опаѓа, бидејќи родителите децата се почесто ги насочуваат кон гимназии и факултети, верувајќи дека тоа е полесниот пат. Сепак, како што вели, реалноста е поинква – не сите ученици се за високо образование, а занаетите денес нудат сигурна работа и одлична заработка.

Тој додава дека, иако станува збор за физичка работа, платите во последните години „енормно растат“, па почетниците можат да сметаат на повеќе од 1,500 евра, додека оние со искуство преминуваат и 2,000 евра месечно. Токму во тоа ја гледа потенцијалната мотивација за нови генерации, со надеж дека интересот би можел да се разбуди дури во вториот уписен круг.

Слично мислење споделува и Милорад Антиќ, претседател на Форумот на средни стручни училишта, кој истакнува дека родителите често од најдобри намери прават погрешен избор. Како што наведува, желбата детето да заврши факултет е разбирлива, но не секој е за тој пат, ниту е тоа единствениот начин да се обезбеди сигурна иднина. Според неговите зборови, во Србија постојат голем број квалитетни стручни школи кои водат до стабилна и добро платена работа.

Сепак, проблемот останува ист – се помалку ученици сакаат да запишат занает. Антиќ предупредува дека многу одделенија се укинуваат или едвај се формираат, бидејќи се пријавуваат само по неколку ученици. Причината, како што вели, лежи во перцепцијата – младите избегнуваат физички работи, се плашат од осуда од околината и често бираат „популарни“ занимања, додека родителите дополнително влијаат советувајќи ги да не „црнчат“, иако токму занаетите денес ги имаат едни од најголемите плати, пишува белградскиот медиум.

Иако пазарот јасно покажува дека занаетите се барани и добро платени, социјалната перцепција на овие занимања и понатаму ги турка во втор план. Резултатот е се’ помал број работници и се’ поголем проблем за градежниот сектор во Србија.

И во Македонија недостигаат голем број на работници во занаетчиските дејности, токму поради тоа е и тешко да се најде мајстор, а оние коишто останаа прилично сочно наплатуваат. Децата се’ помалку се запишуваат во средните стручни училишта, бидејќи како и во Србија, и кај нас родителите сакаат нивните деца да завршат факултет.

Извор: BIzportal.rs