Пожарите го покажаа вистинското лице на работните услови на нашите пожарникари
Бобан Илијевски
Македонија бувна во пламен. Пожари зафатија поголем дел од територијата на државата, оставајќи ги луѓето коишто живеат во нивна близина во сурова неизвесност и страв за себе и за своите најблиски.
Пожарите покажаа уште една голема слабост на надлежните, нивната неажурност и непланското работење. Зарем една држава не треба да биде подготвена за секаков вид на непогоди за да се справи со нив? Сите го знаеме логичниот одговор, но оние коишто се надлежни по се изгледа не знаат.
Пожарникарите со од „Тито времето“ цистерните излегоа да ги гаснат пожарите. Нив им се приклучија и граѓаните од населените места каде што се пожарите. Тие со кофи, лонци и што ти не заедно со храбрите пожарникари се борат за да си ги спасат домовите.
Пожарите на виделина извадија уште нешто – непочитувањето на правата на работен однос на пожарникарите кои ја работат една од најопасните професии во светот. Впрочем, видовме дека имаат возила од 65 -та година, а покрај тоа имаат проблеми и со недостаток на униформи и неисплаќање на заслужените парични средства кои им следуваат според Закон. Истите тие денеска се пожалија дека градоначалникот на Ранковце не им исплаќал додатоци за трета смена, што е навистина срамно.
Имено, денеска порталот Фактор објави дека пожарникарите иако се во првите борбени редови за гасење на едни од нај застрашувачките природни феномени кои го загрозуваат човекот, немаат основни плати ниту од 20,000 денари, а месечните доходи им се многу помали од оние на полицајците и професионалните војници, пишува порталот.
Фактор пренесе и дека пожарникарите барале да бидат под капата на едно министерство, наместо да бидат под општини, поради тоа што истите различно толкуваат еден ист закон. Се согласувам во целост со ова барање, но морам да додадам дека и да се под капа на едно министерство нивните плати треба да се многу повисоки од просечната, бидејќи како што напоменав и погоре, тие ја имаат една од најтешките професии.
Секоја чест за храброста на нашите пожарникари и за вложувањето на напор да се справат со пожарите, иако не се соодветно опремени за тоа.

