Портокалов метео аларм денеска и утре, да се почитуваат мерките за заштита од топлотниот бран
Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат.
-Целата територија на нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза во текот на следните денови, почнувајќи од среда 4 август до 5 август, велат од Министерството за труд и социјална политика од каде потенцираат дека поради тоа треба да се почитуваат општите мерки.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, од Министерството ги потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

