МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Прободениот со нож здравствен работник во добра состојба, синдикатот бара одговорност и заштита

Медицинскиот техничар кој синоќа беше нападнат со нож од пациент во ГОБ „Осми септември“ е во добра здравствена состојба. Завршил со расекотина на градниот кош. Повредата е санирана, но претрпениот стрес е голем.

Како што објаснува директорот на болницата, седумдесет и седум годишниот пациент кој го нападнал со мал нож имал ментално растројство, кое што настапувало акутно и било непредвидливо. Пациентот не бил свесен што прави и отпосле изразил каење и жалење, додава директорот.

„Досега пациентот немал психијатриска дијагноза, не примал лекови за психијатриска болест, прв пат е во ваква состојба. Од самиот психијатриски преглед констатирано е моментално ментално растројство и тоа е непредвидливо. Во моментот на прегледот пациентот бил вознемирен, конфузен и не се сеќава на ситуацијата, може и примарната болест да довела до таква состојба којашто за жал резултираше со напад. Повредата на медицинскиот техничар не е опасна, но претрпениот стрес како самиот чин на напад е секако од сериозен карактер.“ – вели Д-р Христијан Костов директор на ГОБ „Осми Септември“.

Од независниот синдикат на здравствени работници го осудија инцидентот и бараат поголема заштита на здравствените работници на нивното работно место.

„Целата поента е да се заштити персоналот, а тоа се прави ако се работи по протоколи, ако не може преку влезната врата да влезе нешто што не смее да влезе во болница, значи тоа не е заштита, затоа апелираме да се донесе закон за заштита на здравстените работници и не дај боже ако се случи некој немил настан здравствените работници и административно-техничкиот персонал да бидат заштитени.“ – вели Кристина Олевска од Независниот синдикат на здравствени работници

Директорот Костов најавува зајакнување на безбедносните контроли на болницата.

„Ќе го зајакнеме безбедносниот систем односно за секој еден пациент што ќе престојува во нашата болница ќе мора да помине поголема контрола на се она што носат со себе, се со цел да го заштитиме медицинскиот персонал којшто е еден, а пациентите се многубројни, ќе побараме и некоја помош од МВР како еден вид техничко средство со кое би можеле да откриваме некои предмети опасни кои би ги носеле пациентите и би можеле да бидат штетни за безбедноста на медицинскиот персонал.“ – вели доктор Костов.

Според анкета што ја спроведе Лекарската комора во 2022 година, 77,9 отсто од лекарите во земјава одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век. Притоа, 34,5 отсто од лекарите одговориле дека биле жртва на вербално насилство со закана дека ќе биде извршено и физичко насилство, а 5,2 отсто биле изложени на физичко насилство.

Извор: ТВ 24