Продуктивноста на работниците зависи и од условите на работното место
Несомнено продуктивноста на работниците во Македонија е ниско ниво и тоа реално се должи на многу фактори кои економските експерти постојано ги објаснуваат. Она што не се зема во предвид се условите за работа коишто исто така претставуваат еден од факторите коишто влијаат на ниската продуктивност. Не може еден работник којшто е констатно под притисок во текот на работното време да биде продуктивен. Добро е познато дека вршењето на пристисок не соодвествува со зголемената волја на работникот да произведува повеќе, туку напротив, помалку. Ова не го велам јас, туку го велат бројни светски експерти коишто се бават со проблематики повразни со трудот.
Според мене, најмала продуктивност има кај оние работници чиј труд е трудоинтензивен, односно народски кажано – физичка работа. Овие работници се најмалку продуктивни поради тоа што голем дел од нив се изложени на мобинг, несоодветни услови за работа ( каде што спаѓа немањето на греење преку зима, немање на соодветна опрема итн.), што претставува голем проблем. Тука морам да нагласам дека оние работодавачи коишто ги имаат потребните услови за да можат работниците непречено да ги извршуваат работните задачи, а некои од работниците не се продуктивни, односно не сакаат да работат, тогаш имаат потполно право да го прекинат работниот однос со нив, а такви случаи има. Точно е тоа дека ниската продуктивност негативно влијае на платите, но работодавачот е обврзан да создаде услови за да може да има продуктивност од страна на работниците и на тој начин и двете страни да бидат задоволни. Не може да се очекува од работник којшто се тресе од што му е студено, да биде продуктивен, а и не е човечки да се работи во такви услови.
Еве еден пример. Еден мој пријател работеше во едно кафуле токму преку зима. Во локалот имаше само еден шпорет на дрва којшто беше можеби триесет години стар, а воедно беше премногу мал за да може да го затопли огромниот објект, па тој мораше со џемпери и јакни да работи. Она што него многу го изнервирало била лагодноста на сопственикот на објектот којшто во еден наврат му рекол дека е не мора да има греење, било пријатно да се седи со џемпер внатре. Впрочем, овој пример, на којшто денеска се сетив ми беше и повод да пишувам за продуктивноста, а од истиот можете да заклучите зошто велам дека, иако се од голема важност квалификациите на работниците и другите аспекти, сепак условите за работа се неопходни да се биде продуктивен. Проблемот лежи во тоа што кај нас одредени луѓе сакаат да вложат малку, а да добијат многу, но тоа така не оди. Прашајте ги успешните работодавачи како започнале со бизнисот. Сигурен сум дека ќе одговорат дека вложиле доста пари и ризикувале за да стигнат до нивото на коешто се се сега.
На крајот на краевите, не може секој на којшто ќе му текне да започне бизнис, бидејќи не секој поседува способност да води компанија, а оние коишто сакаат да отворат свој бизнис, потребно е да знаат дека ќе имаат доста обврски којшто треба да ги исполнат.
Би сакал да се изјаснам и околу нешто друго. Во сите мои колумни се ставам на страната на работниците и тоа е точно, но се ставам на страната на работниците коишто навистина го вложуваат својот труд, а не зад оние коишто сакаат само туку – така да им помине работниот ден и да заминат дома или пак да одоговлекуваат за да им замине работното време. Онаму каде што има услови за продуктивност, работниците треба да ја исполнуваат, бидејќи во спротивно работодавачот го има секое право да го отпушти работникот и тоа е факт. Значи, ниските плати се должат на ниската продуктивност, па логично би било да доколку се обезбедат услови за работа на работниците, тие би имале повисоки плати, а тоа е нешто што сите работници го сакаат. Работодавачите треба да обезбедат услови, а работниците продуктивност, само на тој начин двете страни може да бидат во добивка.
Бобан Илијевски

