ЕкономијаСвет

Просечната нето плата во Хрватска преминала 1,600 евра

Во првото тримесечје оваа година просечната нето плата во Хрватска, вклучувајќи ги и додатоците, изнесувала 1,609 евра, покажуваат податоците на платформата MojaPlaća. Тоа претставува раст од 2 % во однос на претходниот квартал, како и 9 % повеќе во истиот период минатата година.

Медијалната плата, која пореално ја покажува распределбата на заработката, изнесувала 1,500 евра. Тоа значи дека повеќе од половина од вработените и понатаму заработувааат под просекот. Во однос на крајот на минатата година, медијанот пораснал за 1 %, додека на годишно ниво е забележан раст од 10 %.

ИТ секторот и понатаму останува најплатен

Според сектори, најголеми плати имаат вработените во ИТ индустријата, каде платите се околу 21 % над просекот и достигнуваат речиси 2,000 евра. Следуваат дејностите во областа на технологијата и развојот.

Од друга страна, најниски плати бележат помошните занимања, каде платите се и до третина под просекот, како и текстилната и кожарската индустрија.

Најплатени и најлошо платени занимања

Кога ќе се земат предвид поединечните занимања, на врвот на листата се лекарите, пилотите, контролорите на летови и програмерите, со плати кои често изнесуваат повеќе од 3,000 евра месечно.

На дното на скалата се наоѓаат работниците во услужните и помошните дејности, како негуватели и хигиеничари, чии плати во главно не достигнуваат ни 1,000 евра.

Разлики според работодавачи и региони

Најголеми плати нудат приватните компании во странска сопственост, каде просекот е околу 1,749 евра. Во домашните приватни фирми и државните претпријатија платите се нешто пониски, додека во јавната и локална управа исто така се под просек.

Постојат разлики и во зависност од големина на фирмата – најмалите компании со помалку од 10 вработени имаат најниски плати, додека големите компании нудат значајно поголеми плати.

Регионално, најниски плати има во Вуковарско – сремската и Копривничко – крижевската жупанија, додека Загреб и понатаму е на врвот со просечна плата над 1,700 евра и медијална од околу 1,600 евра.

Разлики според полот и образованието

Податоците покажуваат и разлики помеѓу мажите и жените – мажите во просек заработувале 14 % повеќе, со просечна плата од околу 1730 евра, додека жените примале околу 1,512 евра.

Образованието исто така има големо влијание на платата – лицата со мастер и МБА дипломи заработуваат значајно над просекот, додека вработени со средна стручна спрема во главно имаат пониски плати.

Извор: Telegraf Biznis/Dnevno