Работењето од друга држава е сон на многумина, но данокот е голема пречка
Подготвил: Бобан Илијвски
Се повеќе компании кои нудат работа од далечина како супер плус и поволност која би требало да се прифати, се повеќе добиваат работници кои се селат од земја до земја. Се е тоа идеално, но може да значи и безброј компликации кога поднесуваат даночни пријави.
Притоа, многу земји меѓу кои е и соседна Србија работат на тоа да привлечат дигитални номади. Нивниот број е се поголем во градовите како што е Белград, а тоа зборува дека Србија е на добар пат.
Замислете на момент дека пандемијата е завршена. Глобалното патување е продолжено, жариштата се минато, а компаниите го одржат ветувањето дека ќе овозможат работа од далечина од било кое место на светот, барем неколку месеци годишно, пишува Бизнис Телеграф.
Потоа замислете како работници од Лондон, Њујорк и Хонгконг влегуваат во бар. Еве да речеме, барот да е во Рио де Жанерио. Сите тројца работат за иста плата – 100,000 долари и им е дозволено на два месеци да работат од Бразил од далечина.
Кога ќе се вратат дома, кој од нив ќе плати најголем данок?
Ова незгодно прашање работодавачите веќе се обидуваат да го одговорат, додека истовремено ги планираат своите деловни активности за постпандемискиот период. И покрај непрекинатата неизвесност и нерамномерното вработување, пазарот на труд во многу земји се стеснува, а компаниите, особено новите, сакаат да привлечат нови квалификувани работници со помош на работата од далечина.
По завршувањето на двомесечната работа од далечина во Бразил и враќањето дома, со најголеми трошоци би се соочил работникот од Њујорк, додека работникот од Лондон нема да има никакви трошоци. Сепак, ова е според претпоставката дека сите тројца ги исполниле своите даночни обврски во Бразил навремено, во согласност со тамошните прописи и што можеби е најважно – на португалски јазик.
Како што пишува Бизнис Телеграф, најлошото сценарио е да треба да поднесуваат повеќе даночни обрасци во различни земји, истовремено губејќи било каква корист од даночните спогодби.
Порталот вели дека многу компании се обраќаат на надворешни, консултантски компании за помош околу ангажирањето на работници од далечина. Треба да се напомене дека има и земји коишто имаат спогодби за дупло оданочување, па на тој начин компаниите се обидуваат да го избегнат ова.
Дуплото оданочување се применува на републичко, а поретко и на градско ниво. Компаниите кои дозволуваат премногу работници да работат од една странска држава би можеле да имаат обврска да плаќаат локален данок на добивка.
Данок од 5 % за работа од дома?
Германската Дојче банка предлага да се воведе нов данок од 5 % на платата на работникот кој ќе одлучи да работи од дома. Според предлогот, данокот би го плаќале работодавачите, а генерираниот приход би им бил исплаќан на луѓето кои не можат да работат од дома.
Како што се наведува, банката оваа мерка ја оправдува со тоа дека е така фер, бидејќи оние кои работат од дома штедат пари и не плаќаат во системот како оние кои ќе излезат од дома за да одат на работа.
Во Велика Британија, Дојче банка пресметува дека данокот би донел приход од 6,9 милијарди фунти годишно, што би можел да ги исплати дотациите во износ од 2,000 фунти годишно на работниците со ниски примања и оние кои се под закана од вишок на работници.
Фото: Freepik

