Професионална ориентација на невработените и младите лица кои бараат работа
Професионална ориентација на невработените и младите лица кои бараат работа
Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност предвидува дека Агенцијата за вработување нуди професионална ориентација на невработените. Под професионална ориентација се подразбира помошта која Агенцијата ја дава на невработените и други лица кои бараат работа за избор на занимање или вработување по пат на тестирање и разговор и информирање на потребите од одделни занимања и можностите за вработување.
Професионалната ориентација го опфаќа и индивидуалното советување при избор на занимање според желбите, интересот и способностите на лицата за одредено занимање и потребите и можностите на пазарот на трудот.
Дополнително советување за професионална ориентација се дава и на невработени лица, ученици, студенти, вработени и инвалидни лица, ако тоа е од значење за избор на нивното занимање и понатамошен професионален развој. За учениците од завршните години на основното и средното образование Агенцијата е должна, во соработка со надлежните установи од областа на образованието, да организира советување во врска со изборот на занимање преку: предавања од научни и стручни работници, посета на изложби, филмски претстави, посета на претпријатија во врска со вработувањето, установи и друго.
Доколку младите соодветно професионално се насочуваат и се развиваат, имаат реална самопроценка и прават вистински избор на занимањето, тогаш сликата во образованието би изгледала сосем поразлично. Учениците во поголем број би се насочувале кон стручното образование за стекнување квалификации, но квалификации кои се барани на пазарот на труд, а не создавање прекумерен кадар кој не е побаруван на пазарот и за кој нема работни позиции.
Од друга страна, потребно е и самите ученици, студенти, инвалидни лица и која било друга категорија невработени лица да покаже интерес за да ги искористи можностите кои ги нуди Агенцијата за вработување. Можностите се безвредни ако не се искористуваат.
Тимот на Јуридика

