Работниците се плашат да го откријат идентитетот: Од 1,678 пријави до трудовиот инспекторат, само 271 биле поднесени од познат подносител
Бобан Илијевски
На прашањето на порталот Работник за тоа дали повеќето од работниците прекршувањата на правата ги пријавуваат анонимно или со име и презиме, од Државниот инспекторат за труд истакнаа дека од пристигнатите пријави на некоја од формите на нивната веб страна, од почетокот на 2022 година, пристигнале вкупно 1,687 пријави, од кои само 271 биле поднесени од познат подносител, додека останатите се анонимни.
Самиот податок покажува дека работниците се плашат да ги пријават лично прекршувањата, а тоа најмногу се должи поради стравот од одмазда од работодавачот или можеби и отказ од работното место, од кое на многу работници им зависи егзистенцијата.
До Државниот инспекторат за труд пристигнале и 238 пријави за неисплатен регрес за годишен одмор – К-15 или за износ исплатен под законски предвидениот, за календарската 2021 година, истакнаа од ДИТ за порталот Работник.
По основ на добиените претставки од страна на Државниот инспекторат за труд извршени се вонредни инспекциски надзор кај оние работодавачи против кои се однесувале пријавите, при што издадени се 215 решенија со инспекциска мерка “опомена” за отстранување на утврдените неправилности и 23 решенија со инспекциска мерка “наредба”, велат од ДИТ.
На прашањето на порталот Работник, колку пријави имало досега за непочитување на законското решение за недела неработен ден, од ДИТ посочија дека во периодот од стапувањето во сила на законските измени, заклучно со 01.06.2022 година, инспекторите извршиле 457 вонредни инспекциски надзори кај правни субјекти кои организирале работа во недела. При надзорите биле утврдени неправилности во работењето, по што биле издадени 57 решенија со инспекциска мерка „опомена“ и од страна на инспекторите се издадени 15 решенија со кои на правните субјекти кои работеле спротивно од законот им била изречена мерка „забрана на дејност“.
Прашани за тоа каква е општата ситуација со прекршувањата на работничките права во државата, од ДИТ рекоа дека од почетокот на 2022 година, преку некоја од формите за пријава кои се достапни на веб страната на инспекторатот пристигнале повеќе од 1,600 пријави од граѓани, работници, правни лица или синдикални организации ширум Македонија, каде се изнесени наводи за повреда на работничките права.
Она што треба да се земе предвид е фактот дека често пати повеќе различни пријави се однесуваат против еден ист правен субјект или пак пријавите се повторуваат, така што самата бројка на пријави не може да биде пресудна во оценката за интензитетот на пријавување без да биде направена дополнителна аналитичка обработка, велат од ДИТ.

