ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Работодавачите бараат да се воведе кариерно насочување на децата во Македонија уште во основно училиште

Дел од европските работодавачи бараат во средно училиште да се воведе предмет по деловна ориентација кој би им помогнал на учениците во насочувањето кон одреден сектор или индустрија.

Во однос на тоа дали треба да се воведе истото и кај нас, Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, во изјава за порталот Работник вели оти не знае дали мора да се воведе предмет за деловна ориентација, но дециден е дека потребно е да се изнајде начин за кариерно насочување, не само на средношколците, туку и на основците.

„Во моментов, учениците своите одлуки за идното образование и изборот на занимање ги прават или под влијание на родителите или пак само на база на нивните скромни знаења и информации или личните афинитети“, вели Димитров.

Проблемот со расчекорот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила на пазарот на труд нанесува огромна штета на секоја национална економија, појасни тој.

„Недостигот на соодветен кадар е пречка за развој на бизнисот и економијата воопшто, а погрешниот избор на занимање честопати води кон разочараност кај младите и заминување надвор од земјата“, посочува Димитров и додава дека во тој случај државата залудно инвестирала во образованието на тоа лице, бидејќи резултатите од неговиот труд ќе ги користи друга држава.

Државите смислуваат разни олеснувања за да дојдат до странска работна сила, вели Димитров, бидејќи падот на наталитетот и стареењето на нацијата се заканува на развојот и опстанокот на економијата на земјата.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk