Рубрика по трудово и социјално право: Надоместок за помош и нега од друго лице
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Надоместок за помош и нега од друго лице
Правата од социјална заштита се од големо значење особено во услови каде се поголем број на лица имаат потреба од некој вид на социјална заштита. Законот за социјална заштита во своите рамки го предвидува и правото на наместок за помош и нега од друго лице. Ова право му следува на лице со навршени 26 години возраст, кое е со некаква умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и на лице кое има трајни промени во здравствената состојба, и на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот и секако доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.
Висината на ваквиот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице, која може да биде во поголем или во помал обем. При утврдување на обемот на потребата за помош и нега од друго лице се зема предвид и Бартеловиот индекс, кој е составен дел на мислењето издадено од страна на матичниот лекар на подносителот на барањето.
ПРАВИЛНО е да се смета дека износот на висината на надоместокот е различен во зависност од тоа за колкав обем на потреба има лицето. Па така висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.475 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година, додека пак износот за помош во помал обем изнесува 3.959 денари.
ПОГРЕШНО е да се смета дека лице кое е примател на ваков надоместок ќе може да го користи истиот и доколку е сместен во некаков вид на установа. Односно лицето кое со решение на Центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка, здравствена или друга установа не може да користи надоместок за помош и нега од друго лице за периодот додека трае сместувањето.
Проф. д-р Лазар Јовевски

