ПравдаСветот на работникот

Се уште нерешен еден случај на мобинг, во ЈСП ново малтретирање работник

Нов случај на мобинг во ЈСП. По Елизабета Тошевска, сега и 55-годишниот Меџит Идризи тврди дека се соочува со мобинг на работното место. Сè започнало пред година и пол, откако поради здобиените повреди од сообраќајна незгода, тој веќе не можел да работи како возач на автобус, туку требало да биде прераспределен на полесна работна позиција. За помалку од половина година Идризи добил пет решенија за промена на работно место и плата пониска за 2.000 денари. Но, ситуацијата ескалирала пред 4 месеци, кога тврди дека бил физички нападнат бидејќи јавно проговорил за мобингот.

“На 09.10.2020 јас бев нападнат на работно место. Еве, документиве дека бев во Градска болница со Брза помош, викнав и полиција и понатаму нека видат дека сум нападнат, а не да манипулираат таму ….”

Идризи и Тошевска тврдат дека откако таа го обелодени својот случај пред камерата на Сител, вработените се соочуваат со дополнителни притисоци. Елизабета била деградирана на пониска работна позиција со помала плата, откако по судски пат побарала ЈСП да и исплати К-15.

Од ЈСП велат дека Тошевска била распределена согласно закон и сега има плата пониска за 206 денари.

“Работното место кое го бара е пополнето согласно Систематизацијата на работни места на ЈСП СКОПЈЕ. Во случајов, вработената инсистира некој да биде прераспределен, како посакуваното место од нејзина страна би се ослободило, па за истото да се спроведе постапка за унапредување и таа да биде избрана”, велат од ЈСП, од каде сметаат дека
“жалбата за мобинг и е неоснована, со оглед на тоа, на што и е и посочено и укажано, дека тоа што го посочува како мобинг не е опишано во Законот за вознемирување на работно место како мобинг”.

Тошевска до сега добила две тужби против ЈСП: за исплата на регрес за годишен одмор и за прераспределбата на пониска работна позиција, а сега поднела и трета тужба, овој пат за мобинг. Меџит, исто како и Елизабета, вели дека правдата ќе ја бара по судски пат.

Извор: Сител