Светот на работникот

Сезоната гори – се бараат 70,000 работници, платите стигнуваат и до 3,000 евра

Потрагата по сезонски работници на Јадранот веќе е во полн ек, а огласите од Хрватска, Црна Гора и Словенија покажуваат дека и ова лето најголемата побарувачка ќе биде за готвачи, келнери и хотелски персонал. Платите за поединечните занимања преминуваат и 3,000 евра.

Сезоната за „извоз“ на домашна работна сила практично започнала и тоа за келнери, готвачи и други работници во угостителеството и туризмот.

Бидејќи, како што вели Милош Турински, ПР на Infostud, најголема српска база за барање работа, огласите на странските работодавачи за ангажирање сезонски работници за овие работи ова лето на Јадранот наголемо траат.

По бројот на такви огласи, како што вели, доминира Хрватска, а по неа следат Црна Гора и Словенија.

„Најмногу се барани готвачи и келнери, потоа помошници готвачи и помошни работници за во кујна, а потоа следуваат огласите за позициите хигиеничар и собарка. Се’ повеќе хотели во овие земји бараат и рецепционери и аниматори, како и работници на разни работи за одржување во хотелите“, наведува Турински.

Инаку, податоците на Infostud покажуваат дека овие три држави од поранешна Југославија искажуваат и раст на побарувачката за сезонски работници во однос на минатата година. Турински истакнува дека само во Хрватска се бараат 70,000, што е за 5,000 повеќе отколку за време на минатата туристичка сезона во оваа земја. На Црна Гора пак, и требаат околу 25,000 сезонци, а од тој број само градот Будва бара 5,000 работници за во угостителството и туризмот.

„Секако, ова не значи дека сите тие потреби ќе ги исполнат работници од Србија. Голем број од сезонците во Хрватска, Словенија и Црна Гора доаѓаат од други земји од регонот – Босна и Херцеговина и Македонија. Меѓутоа, и поради дефицитот на работници и во овие земји, добар дел од вкупниот број на сезонци на Јадранот се „покрива“ и со работници увезени вон Балканот, најмногу од азиските земји и од истокот на Европа“, објаснува тој.

Она што и понатаму е предност за балканските сезонци на Јадранот, во однос на оние од другите земји, се поголемите плати.

Турински објаснува дека причината за тоа е непознавањето на јазикот, поради што оваа втора група на сезонски работници најмногу се ангажираат за „позадински“ работи како помошен персонал кои се помалку платени од „фронталните“ работни места кои се резервирани за сезонците од Србија, БиХ и Македонија. Кога станува збор за парите кои во текот на летната сезона можат да се заработат на Јадранот за работа во угосистелството и туризмот, тие за нашите прилики се повеќе од солидни, пишува Блиц.

„Огласите, имено, покажуваат но тоа не значи дека на крајот нема да се понуди повеќе, дека платата на келнерите е од 1,200 до 1,600 евра, а за бармените од 1,400 до 1,600. Рецепционерите можат да заработат од 1,300 до 1,500 евра, а пониските позиции во хотелите, како што се мајстори за одржување од околу 1,000 до 1,300 евра месечно. Платите за исклучително бараните готвачи се движат од 1,800 до 2,500 евра, но позицијата шеф на кујната носи и повеќе од 3,000 евра. Притоа, се бараат и голем број на скара и пица мајстори за плата од 1,500 до дури 2,500 евра“, наведува Турински.

Конечно, хигиеничарите и собарките ова лето во Хрватска, Црна Гора и Словенија можат да сметаат на заработка во распон од 1,000 до 1,200 евра.

Плата од 1,000 евра, исто така, им се нуди и на бараните хостеси кои работат на промоции на разни ресторани и други угостителски објекти.

Извор: Bizportal.rs