Семејните вредности паѓаат се пониско на листата на приоритети кај младите луѓе
Автор: Бобан Илијевски
Празниците секогаш не „тераат“ да се присетиме на нашите најблиски, да воспоставиме повторно контакт со нив и да бидеме повторно блиски. Изминатите две години беа навистина тешки. Луѓето се изолираа меѓусебно, плашејќи се од вирусот Ковид – 19, кој одзеде голем број на животи, а со тоа создаде и голем психолошки страв меѓу луѓето, па како резултат на тоа настана и изолацијата. Секако, тука има придонес и стравот од самото заразување со коронавирусот.
Вчера, кога се собиравме пред црква во исчекување на Велигден, видов повторна сплотеност меѓу луѓето и тоа ми даде верба дека стравот пополека се надминува и работите се враќаат во нормала. Можеби ќе треба да помине уште малку време, но мислам дека повторно ќе се вратиме во она „нормално“ време кога можеме да живееме без страв од некаква зараза. Fingers crossed (анг. фраза која означува надеж дека нема да се случи ништо што може да донесе лоша среќа).
Убаво е кога ќе видиш дека се негуваат семејните вредности, иако се помалку доаѓаат до израз, како резултат на се по доминантното влијание на Западната култура која суптилно се пренесува и кај нас, но и лошиот економски стандард. Она што можам да го забележам е дека семејството станува нешто како загрозен вид на животно, ретко. Помладите луѓе се поретко се одлучуваат да стапуваат во брак, за што говорат и самите статистики. Нивна примарна грижа е стандардот, па неретко она на што најмногу размислуваат е како да најдат добро платена работа или да се преселат во некоја држава каде што може да го имаат посакуваниот стандард. Поради тоа, бракот и семејните вредности паѓаат се подолу на листата на приоритети кај младите луѓе.
Последните податоци на Државниот завод за статистика велат дека бројот на склучени бракови во 2020, во споредба со 2019 година, е намален за 25,6 % и изнесува 10,278.
Просечната возраст на склучување на прв брак, велат податоците, е 27 за жените и 29,7 за мажите.
Разводите пак, во 2020 година забележале намалување од 21,2 % во споредба со 2019 и изнесувале 1,569.
Самите податоци го потврдуваат она што го реков и погоре, а тоа е дека бракот или семејните вредности не се меѓу првите приоритети на младите луѓе во државата. Ова е и очекувано, бидејќи немањето на доволно приходи за да може да им се овозможат соодветни услови за живот на децата е голема кочница за младите да стапат во брак и да основаат семејство.
Колку што можам да видам, државата не прави некои посебни напори за да го смени ова, па како резултат имаме намален наталитет, што во ниеден случај не е добар индикатор за иднината на Македонија. Сепак, ситуацијата којашто речиси 30 години трае, ги тера младите да размислуваат да ги спакуваат куферите и да заминат некаде надвор, наместо да размислуваат за креирање на својата иднина дома, во државата каде што се родени и каде според логиката на нештата треба да го живеат достоинствено.

