СОНК демантира дека учествувал во креирање на Концепцијата за основно образование
Во неколку наврати имам кажано дека СОНК никогаш не бил вклучен во изработка на Концепцијата за реформа на основното образование, па така и овојпат сум дециден и кажувам дека СОНК бил само информиран за новата Концепција и тоа во два наврати, вели Претседателот на СОНК Јаким Неделков, на прашањето на Порталот Работник дали е вистина дека синдикатот бил вклучен во изработка на Концепцијата, како што се наведува во текстот на Владата од 50 – тата седница.
„Еднаш само јас како Претседател бев поканет на презентација преку платформата Зум, а вториот пат пред поширокото раководство на СОНК, исто така преку оваа платформа. Тоа беше само презентација на новиот концепт за основно образование за коишто ние како синдикат дадовме јавно и писмено забелешки во однос на овој концепт коишто се од аспект на заштита и унапредување на правата на работниците, односно во доменот во кој СОНК како синдикат има надлежност, грижејќи се никој да не остане технолошки вишок, намален фонд на часови и помала плата“, рече Неделков.
Тој уште еднаш порача до јавноста дека СОНК не се меша во работи за кои нема надлежност, а своите ставови Советот на СОНК ги усвоил и јавно ги објавил. Вели дека истите биле доставени и до Министерството за образование и наука, каде што на работна средба со МОН побара да се разгледаат и усвојат.
Имено, официјалниот став на СОНК за Концепцијата е дека истата е избрзана и дека претходно потребно е да се направи пилот програма во неколку училишта за да се види каква ќе биде нејзината реализација.
Бобан Илијевски
