СОНК ја проширува листата за финансиска помош на своите членови
На ден 25.03.2026 година, Надзорните одбори на Советот на СОНК и на Синдикалниот фонд при СОНК го разгледаа финансиското работење на Советот и Фондот за 2025 година. Притоа, Надзорните одбори констатираа дека Советот и Фондот во изминатата година работеле домаќински, со позитивен тренд на зголемување на приходите од синдикална членарина, како и со намалени трошоци за тековното работење на организацијата. Врз основа на тоа, извештаите беа едногласно усвоени.
Потребно е да се истакне дека Синдикалниот фонд бележи значителен број успешно реализирани активности во делот на сите видови помош и кредити. Ваквиот позитивен тренд обезбедува стабилност и сигурност, како и создава услови за понатамошно навремено сервисирање на побарувањата на нашите членови.
Во 2025 година беа одобрени вкупно 4.084 Барања, од кои 2.443 се однесуваат на бескаматни кредити, а 1.641 за неповратна парична помош, и тоа:
- Помош за повреда на работа – 22
- Помош за боледување – 175
- Помош за лекување – 61
- Помош за трајна неспособност – 4
- Помош за материјална штета – 10
- Помош за смрт – 32
- Помош за студенти – 282
- Помош за пензионирање – 304
- Помош за новороденче – 220
- Помош за прваче – 461
- Помош за склучување брак – 70
Воедно, беше одржана и Седница на Управниот одбор на Синдикалниот фонд на која беа разгледани сите доставени приговори, при што беа прифатени приговорите со оправдана причина за ненавременото аплицирање, а со посебен апел во иднина да се почитува рокот од 60 дена за секој вид помош. Исто така, по извршените анализи беа разгледани и дискутирани финансиските можности на Фондот за воведување на одредени новитети, сè со цел да се излезе во пресрет на потребите на членовите и да се овозможи користење на поголеми права од Синдикалниот фонд на СОНК.
По предлог на Управниот одбор, Собранието на Синдикалниот фонд, кое го сочинуваат по еден претставник од регионалните одбори на СОНК, ги усвои следните новитети во рамки на веќе постоечките:
- Парична помош и за студенти од VI година на факултетите кои имаат додипломски студии во времетраење од шест години,
- Парична помош за материјална штета предизвикана од пожар и поплава како елементарна непогода.
Собранието на Фондот се заложи и во иднина да размислува за нови погодности за членовите, а воедно упати апел, синдикалните организации кои сè уште не се зачленети во Фондот, да се зачленат и да ги уживаат сите придобивки од своето членување, кои од година во година се побројни и можеби единствени од ваков тип.

