Светот на работникот

Теоријата на црвениот автомобил и работата: Зошто нè следи она на што се фокусираме?

Дали некогаш сте размислувале да купите црвен автомобил или едноставно ви привлекол внимание, а потоа одеднаш почнувате да ги гледате секаде околу вас? Не, не се работи за игра на универзумот – туку за вашиот мозок во акција. Овој психолошки феномен е познат како Теорија на црвениот автомобил.

Оваа едноставна идеја – дека почнуваме да забележуваме повеќе од она на што сме фокусирани – не се однесува само на автомобили. Таа тивко го обликува начинот на кој функционираме на работното место, во односите со колегите и во тоа како се чувствуваме во врска со успехот или стресот што го доживуваме.

Што претставува Теоријата на црвениот автомобил?

Теоријата сугерира дека кога нешто станува важно за нас, мозокот почнува да филтрира и нагласува слични информации од околината.

Замислете го вашиот мозок како голем „инбокс“ кој секојдневно прима илјадници пораки, звуци, нотификации и коментари. Тоа е премногу за да се обработи сè. Затоа мозокот поставува филтри кои го нагласуваат она што го сметаме за важно. Така, кога ќе се фокусираме на нешто – без разлика дали се тоа рокови, нечиј тон или грешка – ќе почнеме да го гледаме тоа насекаде.

Овие филтри влијаат не само врз надворешните случувања, туку и врз нашите емоции, претпоставки и реакции.

Како ова се применува на работното место?

Современите работни средини се динамични, исполнети со комуникации и интерпретации – совршено тло за Теоријата на црвениот автомобил.

На што се фокусираш – станува твојата реалност

Ако денот го започнете со мисла дека ништо нема да оди како што треба, мозокот ќе бара „докази“ за тоа: доцнења, грешки, негативни коментари. Но ако се фокусирате на нешто позитивно – учење нешто ново или добра соработка – целиот ден ќе добие поинаков тек.

Пример: Ако со страв влегувате на состанок со тежок клиент, веројатно нема ни да забележите кога ќе го пофалат вашиот труд, бидејќи мозокот ви бара критика.

Тимската култура се гради на фокус

Кога некој во тимот почнува да се фокусира на негативности – кратки рокови, неангажирани менаџери, нејасни цели – таа перцепција лесно се пренесува и на другите.

Но ако тимот се насочи кон она што функционира, дури и малите успеси стануваат повод за славење, што го подига моралот.

Совет: Започнете состаноци со т.н. „круг на победи“ каде секој член споделува нешто позитивно од последната недела. Тоа го менува целиот тон на состанокот.

Фокусот ја менува перцепцијата за колегите

Ако мислите дека некој колега постојано ве поткопува, дури и неговото неутрални прашања ќе го сфатите како напад. Но ако се обидете да ги забележите и моментите кога ве поддржува, ќе го смените целиот однос.

Важно: Целта не е да се игнорираат лошите постапки, туку да не дозволите претпоставките да ви ја заматат перцепцијата.

Повратните информации ги филтрираме

Кога добиваме фидбек, мозокот природно се фокусира на негативното и го минимизира позитивното. Ако очекувате критика, ќе слушнете само замерки – дури и ако 80% од разговорот бил пофалба.

Трик: По секоја евалуација, запишете три позитивни работи пред да размислите што треба да подобрите.

Стресот и „burnout“-от се појачуваат преку фокус

Прегорувањето не е секогаш резултат на премногу работа, туку на тоа каде ни е насочено вниманието. Ако постојано мислите „ова е премногу“, ќе гледате само тешкотии и ќе се чувствувате сè повеќе исцрпено.

Но ако вниманието го насочите кон мали чекори – завршен мејл, исчистен инбокс – ќе почувствувате напредок и контрола.

Заклучок: Теоријата на црвениот автомобил нè потсетува дека она што го гледаме и доживуваме – во голема мера зависи од тоа на што сме фокусирани. Во ера на информациски шум, свесното насочување на вниманието е алатка која може да ни помогне да бидеме поуспешни, помалку под стрес и подобро поврзани со луѓето околу нас.

Извор: BIZLife