МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Усогласување на платите со минималната или штрајк?

Усогласување на платите со растот на минималната плата, е долгогодишното барање на синдикатите од јавниот сектор.

Минималната плата се зголеми на 18,000 денари. Сега останува да се усогласат останатите плати со растот на минималната.

Дали ќе се усогласат платите во јавниот сектор со растот на минималната?

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Благоја Ралповски вели дека го поздравува зголемувањето на минималната плата. Според него, покачувањето е добредојдено од причина што сме во економска, енергетска и здравствена криза. А и поради тоа што цените на производите и енергенсите се значајно зголемени.

Но, од друга страна, треба да се знае и вистината за повеќегодишното барање на КСС. Тоа е усогласување на платите со минималната плата, согласно колективните договори, вели Ралповски.

Пред два дена, бевме сведоци на покачувањето на минималната плата на 18,000 денари, рече тој.

Со тоа, истакна, Владата се обврза да ги субвенционира придонесите во делот на зголемената плата.

Нагласи дека барањето на КСС да се разговара по целиот Закон кој го пропишува усогласувањето на платите, било експлицитно отфрлено од сите социјални партнери.

Вистината е дека во Македонија досега минимална плата земаа 80,000 работници, од кои половината (40,000) беа во јавниот сектор. Од друга страна, со новото покачување државните службеници, од помошно – технички персонал до самостоен референт, сега ќе земаат иста плата; од технички персонал, па преку помлад до постар полицаец ќе земаат иста плата, како и сестра во примарно здравство ќе биде изедначена со помошно – техничкиот персонал итн., вели Ралповски.

Според него, со неусогласувањето на платите се создава хаос и сериозно порамнување на истите.

Поради ова, КСС побарал до 1 април да се направи ребаланс на буџетот и сите работници да добијат она што законски им следува.

Само на 10 % од работниците им се зголемуваат платите

Само на 10 % од работниците, со субвенции на Владата, им се зголемуваат платите, вели Ралповски. Другите остануваат на исто рамниште како и досега.

КСС бара итна средба со премиерот на Република Македонија и изнаоѓање начин за излегување од сегашниот лавиринт во кој Владата сама влезе.

Секогаш сме биле синдикат којшто ги заштитува сите работници во државата. Затоа остануваме доследни на овие наши барања за покачување на платите на останатите 90 % работници, согласно законите и колективните договори, рече Ралповски.

СОНК повторно го изрази незадоволството од неусогласувањето на минималната плата

Претседателот на СОНК Јаким Неделков преку Фејсбук објава реагираше во однос на истата проблематика.

Политичката одлука беше донесена на задоволство на 13,7 % од работниците. Останатите 86,3 % се прашуваат дали конечно ќе профункционира правната држава. Но и дали Законот за минимална плата ќе се почитува во целост.

Ова го напиша првиот човек на СОНК во Фејсбук објавата.

Бројните се коментарите во однос на изедначувањето на платите на голем број работни места во иста дејност. Овие работни места се и со различен коефициент на сложеност. Нагласи дека тоа е класична „урамниловка“.

Во градинките, дури десет групи на различни работни места, со различни бодови, ќе земаат иста плата. Во основното и средно образование “само” пет групи на работни места со различни коефициенти ќе земаат иста плата, односно 18.000 денари, вели Неделков и додава:
Ова е класичен пример на урнисување на платниот систем, непочитување на законите, колективните договори и меѓународните конвенции кои го третираат овој проблем.
Дополнително ќе треба да се преговара за усогласувањето на платите со минималната плата
За волја на вистината, појасни тој, на сребата на Економско – социјалниот совет не било негирано дека ќе има зголемување на платите и на другите работни места во различни дејности – образование, детски градинки, администрација, здравство итн.
Забележува дека тоа дополнително треба да биде ставено на ЕСС и да се преговара и договара за истото.
СОНК и КСС се единствени во ставовите. Тие беа и јавно презентирани пред членовите на ЕСС.  Доколку веднаш не почнат преговорите за усогласување на платите со колективните договори, ќе ги преземеме сите радикални мерки, согласно законите, за остварување на нашите права, рече Неделков.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk