ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Фирмите ќе создаваат квалитетни работници, но дали ќе ги задржат?

Во тек се консултации на Министерството за образование и наука со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралеки во средните стручни училишта низ Македонија од идната учебна година.

Од Министерството за порталот Работник велат дека под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите веќе еден месец разговараат за дијанирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта (отворање одредени образовани профили, паралелки, организирање практична обука…).

Кои се очекувањата на МОН од проектот „Учи паметно, работни стручно“? 

„Силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор“, велат од МОН. 

Велат дека МОН веќе спровело анализа која, како што велат, дава јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на истите со средните училишта на локално ниво. Во анализата учествувале 450 компании од целата држава, велат од таму, од кои дури 85% се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, со цел да се создаде стручен и квалитетен кадар.

„На овој начин преку јакнење на довербата и соработката помеѓу училиштата и компаниите значително се придонесува кон развој и проширување на концептот на дуално образование, кој е веќе меѓународно признат и докажан дека успешно функционира кога е во прашање создавањето на квалитетен кадровски потенцијал. Така што, веруваме дека во иднина се повеќе и повеќе компании ќе се вклучуваат во образовниот систем и ќе имаат придонес кон остварувањето на целта која е всушност заедничка, од взаемен интерес“, велат од МОН. 

Во насока на подигнување на атрактивноста и интересот за запишување во средно стручно образование, од МОН велат дека работат на промена на системот на стипендирање преку обезбедување на поголем број на повисоки стипендии за сите ученици кои ќе одберат да се надоградуваат во средно стручно училиште и конкурсот за доделување на тие стипендии, како што велат, би бил објавен паралелно со конкурсот за запишување во средно образование. 

Влада: Проектот „Учи паметно, работи стручно“ ќе придонесе да се обезбеди квалитетна работна сила на пазарот на труд

Одговорот на Владата на Р. Македонија беше идентичен како тој на МОН, со тоа што од таму нагласија дека прашањето за стручни кадри се почесто се поставува и секако дека и наведениот проект ќе придонесе за да се обезбеди работна сила за пазарот на трудот со потребните квалификации.

„Од овие причини и Владата имплементира проекти кои се во насока на потребите на работодавачите. Значи доколку се подготвуваат кадрите согласно потребите на пазарот на трудот истите ќе најдат соодветно вработување и во Република Северна Македонија. А Владата во континуитет поддржува и вработувања согласно потребите на работодавачите преку имплементација на активните програми и мерки за вработување и истите се прилагодуваат, меѓу другото и согласно предлозите на работодавачите“, велат од Владата. 

Од Владата посочија и дека во Програмата за работа на Владата е прецизирано дека ќе работи на развивање на интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемувањето на економскиот раст и продуктивноста на трудот и ќе ги зголемува шансите на младите за пронаоѓање на квалитетни работни места. 

„Состојбата во средното стручно образование е критична“

Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека проектот „Учи паметни, работи стручно“ е добар обид да се започнат реформите во нашето образование кои се неопходни.

Вели дека иако се работи за средното стручно образование, сепак мора од некаде да се започне, а според него во средното стручно образование состојбата е најкритична. 

„Јас сум сигурен дека завршените ученици кои истовремено со теоретската настава ќе имаат и практична настава во некоја од компаниите ќе бидат оспособени за брзо вработување и веднаш по завршувањето на образованието ќе се вработат на работни места за кои се обвразувале“, вели Димитров. 

Според него, овој проект нема да ги реши сите натрупани проблеми, нагласувајќи дека неопходно е да се започне со кариерно насочување на младите уште во основно образование и да се воведат приемни испити на факултетите за да можат, само оние кои имаат доволно знаење да се запишат на истите, а не секој кој ќе посака да добие диплома, без притоа да нема знаење. 

Процесите кои се случија во Полска и Чешка, ќе се случат и во Македонија, но потребни се вистински реформи

На прашањето на порталот Работник дали можеби оние ученици коишто би ги стекнале потребните вештини во нашите компании, по завршувањето на училиштето би ги употребиле во западноевропските држави, како што беше и впрочем пред пандемијата и многу години пред неа, Димитров посочи дека проблемот со иселувањето на младите не може да се реши само со овој проект. Тој стравува дека овој проблем ќе трае уште долго. За негово решавање пак, вели дека е потребна промена на структурата на нашата економија, но за да се направи тоа, според неговите зборови, потребни се големи инвестиции и многу знаење, подвлекувајќи дека засега ги немаме ни едното, ниту другото.  

Истакна дека согледувајќи ги процесите што се случија во Полска, Чешка и другите поранешни држави од Советскиот сојуз, а кои порано влегоа во ЕУ, Димитров е оптимист дека ќе дојде денот кога младите ќе се определуваат да останат во Македонија наместо да заминат надвор. 

Колку време треба да помине до тогаш, ќе зависи од тоа колку ние како општество ќе успееме да направиме вистински реформи, порача Димитров. 

Бобан Илијевски

Фото: ThisIsEngineering/ Pexels