Останато

Царовска: Го јакнеме средното стручно образование, продолжува соработката со Швајцарската амбасада за поквалитетно дуално образование

Министерството за образование и наука интензивно работи на унапредување на средното стручно образование. Преку социјалниот дијалог со компаниите, средните училишта а подоцна и со родителите и учениците „Учи паметно, работи стручно“ и во соработка со Швајцарската амбасада и Проектот E4E@мк – „Образование за вработување“, оваа учебна година бројот на дуални паралелки во државата од 11 е зголемен на 97, а во средно техничко образование се запишаа 1.400 ученици, што е за 6 % повеќе од минатата учебна година. Проектот E4E@мк продолжува од јули 2022 со следната четиригодишна фаза, насочена кон натамошно подобрување на дуалното, но и на неформалното образование.

„Министерството за образование и наука презема крупни чекори за јакнење на дуалниот систем за образование во средните стручни училишта, со цел да го намалиме јазот меѓу понудата на стручен кадар и потребите на пазарот на трудот. Во креирањето на квалитетен, едуциран и добро обучен млад кадар го вклучивме бизнис секторот, уште во фазата на утврдување на потребите на локално ниво. Преку 200 компании склучија договори за практичната обука на учениците во реални производствени услови. Ова е успех што го постигнавме во соработка со нашите партнери“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата на управувачкиот комитет за проектот „Образование за вработување“, на кој учествуваше и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. 

Швајцарската амбасада долгорочно соработува со Министерството за образование и наука на заеднички основи и трајни принципи, во насока на обезбедување квалитетно и применливо образование. Амбасадорката Вероник Улман рече дека поддршката продолжува, со фокус на  имплементацијата на дуалното образование како докажан модел кој обезбедува стручни кадри подготвени директно да се вклучат на пазарот на труд.

Министерката за труд и социјална политика Шахпаска, посочувајќи дека проектот „Образование за вработување“ во изминатиов период главно беше насочен кон  поддршката при имплементирањето на политиките за вработување, пред се во креирање на ефективна, ефикасна ориентација кон потребите на пазарот на трудот, се осврна и на политиките за подобрено вклучување на младите лица на пазарот на труд, а особено на имплементацијата на Гаранција за млади.

 „Имплементацијата на оваа програма преку Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување во нашата држава даде исклучително позитивни искуства и резултати, но сепак сé уште има предизвици со кои се соочуваме и кои мораме да ги надминеме. Таа беше насочена кон финансирање на работилници за обука на теренските работници задолжени за изнаоѓање и мотивирање на млади од 15 до 29 години да се вклучат во Гаранцијата за млади“, рече министерката Шахпаска.

Со цел да ја зголеми зголеми атрактивноста на средното стручно образование Министерството за образование и наука ги промени и политиките за стипендирање. За учениците запишани во дуално образование се исплаќаат стипендии во месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината.

Со јакнење на стручното образование младите добиваат можност за насочено средно образование кое им овозможува обука во компании, во реално опкружување, со што стекнуваат применливи знаења и вештини. Тоа ги зголемува можностите за брзо вработување но и проодноста кон високото образование, посебно кон техничките факултети.