Јазот во платите е голем, но најмногу е изразен кај повисоките плати
Јазот во платите помеѓу мажите и жените во Македонија останува голем. Во 2021 година, според податоците на Државниот завод за статистика, од 30,001 до 40,000 денари плата земале 28,1 % жени и 71,9 % мажи.

Податоците јасно ја укажуваат големата разлика во овој ранг на плати помеѓу мажите и жените, која ако се направи пресметка изнесува повеќе од 18,000 мажи од жени кои работат за овие плати.
Натпросечна плата или од 40,001 и повеќе, во 2021, земале 26,3 % од жените и 73,7 % од мажите, што покажува дека повеќе од двојно мажи од жени земаат натпросечна плата во Македонија.

Од друга страна, ако ги земеме платите под просечната плата, како на пример од 12,001 – 16,000 денари, можеме да забележиме дека процентот на жени коишто ја примаат оваа плата изнесува 46,7, а на мажи 51,3. Тука разликата искажана во бројки е 3,900 во корист на мажите кои работат за овој ранг на плата, што е евидентно помала во споредба со повисоките примања наведени погоре.

Помал јаз во платите се забележува и помеѓу мажите и жените кои во 2021 година примале од 20,001 до 25,000 денари. Тука процентот на мажи кои ја земале оваа плата изнесува 58,1 %, а на жени 41,9 %. Разликата тука е поголема во однос на онаа кај платите од 12,001 до 16,000 денари, односно над 31,000 повеќе мажи од жени, работат за овие плати.

Ако ги анализираме сите податоци, можеме да дојдеме до многу јасен заклучок – јаз во платите има речиси во сите рангови на примања, но највидлив е кај најголемите, што самото по себе кажува дека поголем број на жени работат за потпросечни плати, отколку за натпросечни.
33 % повеќе од мажите работеле на полно работно време од жените во 2021
И во последниот Извештај од 2022 за напредокот на Македонија од Европската комисија кратко и јасно се нотира дека родовиот јаз во Македонија останува голем.

