Јазот во платите помеѓу мажите и жените изнесува 12%, додека јазот во пензиите 16%
Истражувањата на независната истражувачка организација „Реактор“ за 2024 година, откриваат значителни родови нееднаквости, и покрај речиси еднаквата распределба на мажи и жени во рамките на работоспособното население.
Додека вкупното работоспособно население брои околу 1.5 милиони луѓе, со 50,8% удел на жени (770.000), нивното учество во активната работна сила е несразмерно ниско.
„Од вкупно 791.647 активни лица на пазарот, во 2024 година, само 41,6% се жени (329.547), додека 58.4% се мажи (462.100). Оваа разлика станува уште поизразена кога ќе се погледне стапката на економска неактивност. Дури 57% од работоспособните жени, или 440.453 лица, не се активни на пазарот на трудот, што значи дека ниту работат, ниту активно бараат работа“, велат од Реактор.
Според нив, овој податок е клучен, бидејќи покажува дека мнозинството од економски неактивно население во државата, или 60,9%, се жени, што укажува на длабоки структурни и системски предизвици.
Разлика во платите
Последните објавени јавно достапни податоци за просечните примања разделени по род се од 2018 година. Ако ги гледаме податоците од 2010 до 2018 година, може да видиме еден значителен и упорен јаз во плати меѓу мажите и жените, без оглед на возраста.
„Овој тренд опстанува и помеѓу лицата со повисоко образование што го доведува во прашање распространетото убедување дека повисоко образование значи и поголема родова еднаквост“, истакнуваат од Реактор.
Иако државниот завод за статистика, како што велат од организацијата, не продуцира понови податоци за родов јаз во плати од 2018 година наваму, Реактор за потребите на родовиот индекс пресмета неприлагоден јаз во плати врз основа на добиените административни податоци на локално ниво кои се однесуваат на просечните месечни плати и пензии во секоја од општените.
Според тие податоци, јазот во плати е околу 12%, а јазот во пензии изнесува 16%. Тоа значи дека за секои 1.000 денари, што ги заработуваат мажите, жените заработуваат 880. Следствено на тоа, за секои 1.000 денари што ги зема пензионерот, пензионерката зема 840 денари.
Родовиот јаз е присутен во сите возрасни групи
Во различните временски периоди и според податоците кои се достапни, родовиот јаз во платите е присутен во сите возрасни групи, но расте како што стареат работниците и работничките сѐ до нивната 49 година.
„Во раните работнички години, помеѓу 15 и 24 година, исто така постои јаз но е релативно помал. Разликата станува понагласена во текот на понатамошниот работен напредок, односно во триесеттите и четириесеттите години од животот на поединците. Овој тренд продолжува до некаде помеѓу 45-49 година од животот, кога јазот во плати го достигнува својот пик“, наведуваат од организацијата.
Според Реактор, ова е важно да се каже бидејќи е очигледно дека жените се соочуват со најголемата неправедност при добивање плата во нивните репродруктивни години. Овој период најчесто се случува меѓу 25-тата и 45-тата година, кога многу жени може да изберат да основаат семејство ли да донесат други одлики повразни со раѓање и грижа.
Кои се главните пречки за родовиот јаз?
Од Реактор посочуваат дека главните пречки се вкоренети во патријархалните родови стереотипи кои започнуваат од семејството и образованието, и ги насочуваат жените кон одредени, честопати пониско платени професии.
„Оваа родова сегрегација е видлива во доминацијата на жените во трудоинтензивните сектори и индустриите за грижа, наспроти нивната помала застапеност во високоплатените сектори како ИТ. На овие општествени норми се надоврзуваат и системски недостатоци, пред сè недоволниот капацитет и достапност на установите за згрижување деца. Несподелената обврска за грижа за домот и семејството, која во голема мера паѓа на товар на жените, претставува една од клучните бариери што ги држи надвор од пазарот на трудот и ги става во состојба на економска зависност“, велат од Реактор.
Дополнителни фактори кои ја продлабочуваат нееднавкоста се и родовиот јаз во сопственоста на имот и ограничениот пристап до финансиска поддршка за поттикнување на женското претприемништво.
Како да се надминат?
За надминување на оваа состојба и унапредување на родовата еднаквост, според Реактор, неопходен е сеопфатен пристап.
Клучен приоритет е реформата на образовниот систем со цел разбивање на родовите стереиотипи уште од најрана возраст. Паралелно, потребни се значителни јавни инвестиции во проширувањето на мрежата на достапни и квалитетни услуги за грижа за децата и други зависни лица.
„Потребно е и усогласување на националното трудово законодавство со европските регулативи за баланс меѓу приватниот и професионалниот живот, вклучително и промоција на флексибилни работни аранжмани и доследно спроведување на принципот на еднаква плата за еднаква работа. Исто така, од суштинско значење е креирањето на специјализирани програми за поддршка и активација на економски неактивните жени“, велат од Реактор.
За овие мерки да бидат успешни, од Реактор потенцираат дека предуслов е поголема застапеност на жените на лидерски позции и во процесите за донесување одлуки, со што тие директно ќе придонесат во креирањето политики за сопствено економско зајакнување и за просперитет на целото општество.

