МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

„Ќебапче од 2% за работниците, бифтек од 78 % за власта“ – Првомајски протест на КСС

Новинар: Бобан Илијевски

„Ќебапи за работниците, бифтек за власта“, „Без социјална правда, нема социјален, мир“, „Пристојна плата за пристоен живот“. Овие пароли беа испишани на транспарентите кои ги беше развеала масата на работници – членови на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и нејзините грански синдикати по повод 1-ви мај – Меѓународниот ден на трудот. Протестот започна пред седиштето на КСС, и преку улицата „Јордан Мијалков“ и булеварот „Св. Климент Охридски“ заврши пред Владата на Република Македонија.

Таму револтираните работници беа пречекани од два транспаренти кои беа прикачени на барикадите пред Владата со натписот: „Ќебапче за работникот, бифтек за Владата“ и две маси од кои им се делеа ќебапи. Транспарентите останаа закачени пред Владата како потсетник на револот на работниците.

 

Редакцијата на порталот Работник го проследи целиот настан, кој можете да го погледнете и на видеата тука и тука.

На присутните работници им се обратија: Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, Претседателот на ССКО, Зоран Антовски, Претседателот на СТВ, Зоран Дионисијев, Претседателот на ССЕРИ, Васко Перчаковски, Претседателот на СПМ, Орце Коцевски и Претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Сите тие ги потенцираа барањата на синдикатите и потенцираа дека зголемувањето на платите на фунцкионерите за 78 % предизвикало големо револт кај работниците, бидејќите истите не добиле воопшто покачување на платите.

„Почитувани граѓани, денеска на овој симболичен ден 1-ви мај, Денот на трудот, овде пред Владата на Република Македонија се собравме во симболична бројка, меѓутоа не симболично само затоа што е 1-ви мај. Дојдовме да го искажеме незадоволството на работниците во државата. Изминатите неколку години укажуваме на тоа какви се реалните состојби во државата во однос на работничките права и прекршувања на законите и колективните договори“, порача Претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Неделков посочи дека оние кои се прават силни само преку социјалните мрежи, тешко дека ќе ги добијат своите права, бидејќи не се борат за нив. Тој ги поздрави и оние кои заминаа на продолжен викенд. Тој посочи дека без социјална правда, нема ни социјален мир.

„1-ви мај е посветен на зачувување и унапредување на правата на работниците, како во светот, така и во Македонија. Овој празник се одбележува и како спомен на сите оние кои своите животи ги дале во борбата за унапредување на работничките права. Тоа било во 1884 година во Чикаго. За жал, оваа влада не враќа назад во 19 век, на тој начин што ни ги крати нашите права. Затоа ние како грански синдикати при КСС цврсто стоиме на браникот на работничките права“, рече Зоран Антовски, Претседател на Синдикатот на станбено – деловните, комунални, локално – самоуправни и радиодифузни организации на Македонија.

„Вработените во енергетскиот сектор работеа за време на пандемија. Во тој период изгубивме многу колеги. Со надчовечки напори го одржавме енергетскиот систем во живот. Потоа вработените работеа во ек на економска и енергетска криза и со надчовечки напори ја одржаа државноста на Република Македонија, за да на крај не добиеме ништо. Во истиот период, вработените работеа без заштитни средства, без ХТЗ опрема, со образложение дека паѓаат тендерите, а не паѓаа тендерите склучени во четири очи. Во истиот период, синдикалните лидери беа прогонувани, бркани од работа и разместувани по други градови и на други работни места. Во 2022 година, добивме регрес за годишен одмор на 30.12. Вредноста на тој регрес беше падната за 20 % поради големата инфлација. Сега заговараат некое покачување од 2 %, за во наредните пет години да добиеме 10 %. Јас им предлагам да ја искористат таа методологија и нивните 78 % да ги добијат за 30 години“, посочи Васко Перчаковски, Претседател на Синдикатот на работниците од енергетика, индустрија и рударство.

„Власта да биде доблесна и да го поделат зголемувањето на платите со работниците. Порачуваме дека ако ова не го сфатат во следниот период, ќе дојдеме тука во поголем број“, рече Претседателот на Синдикатот за транспорт и врски, Зоран Дионисијев.

Орце Коцевски, Претседател на Синдикатот на полицијата во Македонија ги спомена сите прекршувања на правата на вработените во Министерството за внатрешни работи. Ги спомена прераспоредувањата и притисоците кои ги врши МВР и посочи дека младите повеќе не сакаат да работат во полиција, бидејќи тамошните вработени земаат плата од 15,000 денари. Додаде дека синдикатот не се откажува од барањето 1 бод, 1 евро, со што би се зголемиле платите на полициските службеници.

Последен се обрати претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

„Денеска овде ги донесовме сите транспаренти. Пет години протестираме, како што гледате, за пристојна плата и социјална правда, за почитување на законите и колекитвните договори. Пет години не ги почитуваат колективните договори и законите. Кога дојдоа на ред нивните плати, законот почна да важи, а зошто не важи како за нив исто и за нас? 78 % покачување на нивните плати! 78% покачување на нашите плати. Денеска сме тука со паролата ‘Е, нема правда’, затоа што со нашите плати остана само за кебап, а со нивните само бифтеци на нивните трпези“, рече Ралповски и додаде дека сакаат да не вратат пред еден век, кога беше малтретиран македонскиот работник, рецитирајќи ги стиховите на песната од Кочо Рацин „Денови“.

На протестот присуствуваа и претставници од Конфедерацијата на синдикални организации – КСОМ.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk