Азманова Мирчевска за Работник открива како вештините од новинарството ѝ помогнале во кариерата како претприемач и контент креатор
Пред некое време објавив статија за тоа како да се премине од една во друга кариера, а сега ви носам успешен практичен пример токму за една ваква транзиција, со акцент на тоа како да се искористат веќе стекнатите вештини во новата професија. Данче Азманова Мирчевска е претприемач и контент креатор со долгогодишно искуство во ТВ новинарството. Таа за порталот Работник се согласи да ја раскаже својата „транзициска“ приказна. Внимание: Иако тука станува збор за преминување од новинарство во креирање на содржини (content writing или content marketing), ова интервју е наменето за луѓето од сите професии.
Кои основни новинарски вештини се највредни при преминување во content writing и како тие можат ефикасно да се применат?
Секој што работел како ТВ новинар, знае дека мораш брзо и прецизно да научиш да пишуваш прилог, бидејќи вестите нема да те чекаат тебе за да се емитуваат.
Го немаш луксузот да чекаш да ти дојде инспирација, па за да седнеш да пишуваш. Буквално, ја користиш секоја слободна секунда за да ја обликуваш веста и да ја спремиш да протече во јавноста.
Дополнително, овде имаш и постојано убедување на говорници да дадат изјава, многу теренска работа и секогаш си подложен на коментари од јавноста што не секогаш ќе ти предизвикаат насмевка на лицето.
Враќајќи се наназад, сфаќам дека моето децениско искуство како ТВ новинар ми помогна да:
- Пишувам многу брзо и ефективно, било каде и било кога и да има потреба, секогаш изразувајќи се кратко и концизно (веста секогаш се кажува во првата реченица).
- Да научам да се справувам со сите негативни коментари што луѓето ќе ги имаат за мојата работа, но и да се радувам на позитивните.
- Да се вооружам со тактики како да се справам со комплицирани луѓе. 😀
Како разбирањето публиката, што е клучен аспект во новинарството, го подобрува квалитетот и влијанието на content writing?
Во новинарството често имаш анкети на терен што ги правиш за да го слушнеш мислењето на народот на одредена тема. Тоа ми беше и омилен дел од теренската работа.
Оваа практика си ја применувам и ден денеска, со тоа што често знам да повикам претставници од мојата таргет група на кафе средба или на онлајн муабет, за да сфатам што им се проблемите, како тие размислуваат и да најдам начин како да им помогнам.
Со кои предзивици можат да се сооча новинарите при приспособување на нивните истражувачки и раскажувачки вештини на content writing?
Новинарството како професија ти ја дава идеалната основа за да преминеш кон content marketing.
Веќе си екипиран/а со знаење за пишување, умееш да го прилагодиш тонот кон публиката, знаеш основи на монтажа и дизајн, ги владееш социјалните мрежи и го знаеш притисокот вестите да имаат висок рејтинг.
Ти останува само да се доедуцираш околу SEO и да се помириш со фактот дека секојдневието нема да ти биде толку динамично како кога би бил/а на терен.
Можете ли да споделите примери како новинарскиот интегритет и етика придонесуваат за создавање на кредибилна и доверлива содржина во средина ориентирана кон брендови?
Проверувањето на фактите во твојот текст е најважниот дел во новинарството. Она што го цитираш како информација, мора да е потврдено од најмалку 2 кредибилни извори, а не само рандом најдено некаде низ интернетот.
Ако една работа како новинар не смееш да си ја дозволиш, тоа е да имаш плагијат текст, што гледам дека за жал често се случува во маркетинг светот.
Сите копираат од сите и луѓето забораваат да бидат автентични и да си изградат свој стил на пишување (публиката тоа многу добро знае да го препознае).
Кои совети би ги понудиле за комбинирање на креативното раскажување со SEO стратегии истовремено одржувајќи ја новинарската посветеност на точноста и длабочината?
Ако само пишуваш ради реда за да напишеш текст од 1000 збора и да ставиш keywords, подобро не ни почнувај. Нема да донесеш буквално никаква вредност за публиката. Ќе ѝ го потрошиш времето, а за возврат никогаш повеќе нема да стапнат на твој веб-сајт или да прочитаат твои текстови.
Пред да правиш keyword stuffing, разбери кои точно прашања си ги поставуваат читателите што слетале на твојот текст и обиди се да им ги одговориш.
Како ова знаење Ви помогна да ги промовирате Вашите бизниси? Кои вештини од новинарството особено се истакнаа како значајни?
Навистина сум благодарна што долгите години поминати како новинар и контент креатор, ми помогнаа да научам како вистински да допрам до мојата публика, да сфатам што ѝ се маките и да креирам нешто што би им помогнало.
Уште една голема придобивка е тоа што по долги години зборувајќи пред камера, веќе немам никаква трема кога треба да држам јавен говор или сум повикана како панелист на настан.
- „Успехот“ на минатата Влада и оние пред неа: Над 32 % младинска невработеност, една од највисоките во Европа - 28/04/2025
- ГРАДЕЖНИШТВОТО ОДЗЕЛО НАЈМНОГУ ЖИВОТИ НА РАБОТНИЦИ ВО 2024 ГОДИНА – Еве во кои дејности имало најмногу повредени - 28/04/2025
- Справување со токсични колеги: Водич за одржување на разумот - 25/04/2025