Синдикатот на новинарите на Хрватска го претстави подкастот „Синдикален мегафон“
Синдикатот на новинарите на Хрватска (СНХ) го претстави новиот видео подкаст „Синдикален мегафон“, во кој истакнати новинари ќе зборуваат за реалните услови на работа во медиумите, предизвиците со кои се соочува новинарството и значењето на синдикалната солидарност.
Водител на подкастот е новинарот Јосип Шариќ, а темите што ќе се обработуваат се однесуваат на секојдневните проблеми со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници – од притисоци од работодавачи и политичари, преку недостиг на медиумска стратегија и политичка волја за заштита на професионалното новинарство, до невидливиот труд, несигурните договори, родовата нееднаквост и дискриминацијата.
Подкастот ќе се осврне и на слободата на изразување и нејзините граници во пракса, како и на недостигот од колективни договори, кои сè поретко се применуваат во медиумскиот сектор.
Први гостинки
Во првата епизода на „Синдикален мегафон“ гостуваат Маринка Бољковац, долгогодишна синдикална активистка и членка на СНХ од самите почетоци, и Маја Север, претседателка на Синдикатот на новинарите на Хрватска и на Европската федерација на новинари.
Тие ќе разговараат за почетоците на синдикалното организирање во медиумите, за борбите што го менувале статусот на новинарите, но и за сегашната состојба на професијата – прекаризацијата, притисоците, борбата за слобода и професионално достоинство.
Ќе стане збор и за тоа како новинарите научиле да стојат едни покрај други, што значи да се има синдикат што штити, и зошто без солидарност нема слободно новинарство.
Подкаст во рамките на европски проект
„Синдикален мегафон“ е дел од проектот „Социјален дијалог за промени – зајакнување на капацитетите на социјалните партнери во медиумите преку обуки и соработка“, финансиран преку Европскиот социјален фонд (ESF).
Целта на проектот, велат од СНХ, е да се создаде простор во кој за новинарството ќе се зборува без автоцензура – храбро, отворено и од прва рака, токму од оние кои најдобро знаат со што се соочуваат новинарите денес.
Извор: N1

