ЕкономијаСветот на работникот

Колку изнесувале платите на странските работници во Хрватска, меѓу кои имаше и наши? Детална листа – од келнер до возач, најмногу заработиле готвачите

Во последните неколку години во Хрватска е на сила промената на парадигмата по прашањето на пазарот на труд. Всушност, се работи за неколку трендови и промени во историската динамка помеѓу работниците, работодавачите, иселувањето и вселувањето. Низ својата историја, Хрватска била земја од која работниците заминувале да работат во странство, притоа се менувале само интензитетот на заминувањето и државите во кои се одело, пишува Index.

На сето тоа директно влијаела лошата состојба во полето на работата во Хрватска, поточно високата невработеност која ги ограничувала можностите за вработување, раст на платите и, воопшто, работничките права. Работодавачите биле на ставот дека работниците не треба многу да бидат платени, бидејќи „некој друг од хордата на невработени ќе работи за иста или за помала плата“, а за возврат работниците имале став дека, ако веќе имаат ниски плати, тогаш нема ни многу да работат. Тоа создавало деструктивна општествена динамика, која го ограничувала развојот и доведувала до иселување.

Но, најновиот бран на иселување на домашните работници и потенцијалните работници (невработени) во земјите од ЕУ го испразнил базенот на работна сила во Хрватска, и тоа непосредно пред годината на враќањето на економскиот раст, после повеќегодишната рецесија (2008-2015). Поради големата невработеност, платите и останатите права на работниците биле мали, а обидите со Законот за работни односи подобро да се заштитат работниците во приватниот сектор не успевале.

Капката која ја прелила чашата било избивањето на кризата во 2008 година и растот на стапката на невработеност на речиси 20 %. Околу 200,000 луѓе останале без работа во годините на криза во приватниот сектор, што довело до масовно иселување по отворањето на границите кон богатите држави на ЕУ. А потоа, излегувањето од кризата довело до потреба за работници, кои повеќе ги немало оти се иселиле.

Единственото решение за надоместување на изгубениот кадар бил увозот на странски работници и растот на уделот на работоспособните граѓани. И покрај тоа што платите се зголемиле, уделот на работоспособни граѓани во работната сила само благо пораснал. Факт е дека во Хрватска моментално работи помал дел од населението помеѓу 15 и 64 години, отколку во другите држави на ЕУ.

Колку се платени странските работници во Хрватска?

Според податоците на Хрватскиот завод за вработување (ХЗЗ), во периодот од почетокот на 2023, до крајот на ноември, издадени се 147,593 позитивни мислења за престој и работа на странски работници. Вкупно барања имало 173,938, но 21,495 биле одбиени.

Доминатно се работи за занимања во градежништвото и туризмот, каде просечните плати се движат помеѓу 600 и 700 евра нето, што било малку над законскиот минималец во Хрватска, кој изнесувал 700 евра бруто, односно 560 евра нето.

Најбарано занимање било работник во високоградба, со просечна плата од 603 евра нето. Оваа работа ја работеле повеќе од 16,000 странски работници.

Второто најбарано занимање е поврзано за туризмот, а тоа келнер. Просечната нето плата била околу 669 евра нето (пресметка за Загреб). Според податоците на ХЗЗ, како келнери во првите 11 месеци од изминатата година работеле 9,578 странски работници.

Помошник готвач е трето најбарано занимање, со просечна плата од 616 евра нето и 8,419 работници. Следно најбарано занимање е ѕидар, каде просечната плата изнесувала 648 евра нето, а вработени биле 8,390 работници.

Како работници во нискоградба, биле вработени 7,648 странски работници, за просечна заработка од 608 евра нето.

Готвач е шесто најбарано занимање, во кое лани работеле 7,266 луѓе за плата од 697 евра нето. Ова е и воедно најголемата просечна плата меѓу 18-те занимања на странските работници во Хрватска.

На пример, бравар имал нето плата од 625 евра, а возач на товарно возило – 634 евра.

Извор: Telegraf Biznis

 Фото илустрација: Shutterstock, arko Jovanović

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk