„Ако работникот е убаво стимулиран и добро платен за својата работа, ќе размисли дали да оди во Германија…“
До редакцијата на порталот Работник вчера пристигна реакција на текстот „Губењето на македонско здраво работоспособно населние преку договори не е пожелно во овој момент“. Имено, реакцијата пристигна од Г-ѓа Мери Цакиќ, познавач на областа на пазарот на трудот (д-р по европски студии – социјален дијалог).
Во нејзината реакција се наведува дека тезата дека не треба да се склучуваат меѓународни договори за вработување или обука на квалификувани кадри, е различна гледано од перспектива на работодавачот и квалификуваните работници.
Во прилог следува целосната реакција на Г-ѓата Цакиќ:
Постоењето на повеќе меѓународни договори за вработување или обука на квалификувани кадри не треба да се склучи во ниеден случај, затоа што тој би бил на „наша штета“, бидејќи со негово потпишување би изгубиле голем дел од квалификуваните работници коишто сé уште иднината ја гледаат во Македонија.
Гледано од перспектива на работодавач реториката е сосема разбирлива. Но, гледано од точка на квалификуваните работници перспективата е многу различна. Дури и на државно ниво, перспективата е различна.
Штетноста на ваквите договори за бизнис заедницата е видлива. Ќе се намали квалификувана работна сила. Дури и оние работници кои работат кај работодавачи кои чесно го вреднуваат и плаќаат нивниот труд ќе почнат да прават математики за да го материјализираат својот труд за повисока цена.
За работодавачот тоа би значело губење на квалификуван кадар, работодавачот ќе мора да размислува секогаш да има повеќе вработени на една работна позиција, да работи на постојано обучување и оспособување на кадрите, но сепак ќе биде изложен на постојан ризик од заминување на некој од квалификуваните кадри. Ако на една работна позиција има квалификуван работник и покрај него/неа има уште еден/-а кој/-а професионално се надградува нема „да боли“ кога некој/-а од квалификуваните ќе замине, на пример, во Германија. Оној кој се обучувал ќе може да ја преземе позицијата на тој што заминал, а неговата позиција веднаш ќе се пополни со ново лице кое ќе почне да се обучува и професионално ќе се надградува.
А, за оној што заминува во Германија ќе се организира забава „за среќен пат и успех, па и ако има шанса и за некој од колегите да среди да дојдат кај него на работа“. Работодавачот, со честитки ги плаќа сите трошоци на забавата за заминување и му честита и се разбира му кажува дека „кај нас вратата ти е секогаш отворена“.
Кратка дигресија. Колку идеална и прекрасна приказна!
Овој договор би бил штетен за Македонија? Дали навистина би бил штетен?
Квалификуван работник кој заработува пристојна, просечна плата во Македонија, но работи како што многумина велат „како коњ“, оддвојува од својата пристојна просечна плата и неколку години од својот живот за плаќање и „висење“ по бугарските институции за да добие адреса на живеење на некоја бандера во Петрич и да замине во Германија.
Стојче најде агент кој посредува за бугарски пасош. Стојче му плати на посредникот две свои плати или можеби и повеќе. Стојче „докажа“ дека има бугарски предци. Најде лична карта од дедо му од почетокот на XX век од периодот кога дедо му бил Б’лгарин, а онаа другата кога тој истиот дедо бил Србин ја остави во фиоката за секој случај, може ќе затреба еден ден. Стојче конечно го зема бугарскиот пасош и како Бугарин заминува во Германија. Придонесите од германската плата на Стојче претпоставувам дека одат во бугарскиот пензиски фонд? Или не, можеби во македонскиот ПИОМ? Стојче ќе се надева дека политиката нема да му прави проблеми еден ден да си ја реализира својата германска пензија преку бугарските фондови за пензиско осигурување.
Човек кој сака да работи и има обврски кон семејство и сака да создаде подобар живот за своите деца ќе најде начин како да замине ако сака да замине!
За државата би било подобро да се потпишат меѓународни договори. Договори со цврста основа и со јасно дефинирани права и обврски на двете страни согласно, не само со трудовото законодавсто на матичната земја на работникот, туку и европската легислатива и целосно почитување на правата на работникот согласно МОТ. Кога работодавачот во Германија ќе го потпишува договорот со македонскиот работник да ги има обврските пред него и пред државата од која доаѓа работникот. Меѓународната спогодба претставува заштита за оние кои решиле да одат на работа во странство, тој значи дека НИЕ, како земја се грижиме за своите. За возврат тие придонесуваат во општетството, ги поддржуваат своите во земјата, нивните придонеси се слеваат во нашиот ПИОМ, зашто сепак еден ден, на старост, сепак ќе си дојдат тука.
Одливот на квалификувана работна сила не е резултат само на миграцијата во други земји, туку и на повеќедецениски недостаток на планирање и следење на националните, регионалните како и глобалните трендови. Дали е толку тешко да се следат потребите на пазарот на трудот, се разбира со максимална вклученост на бизнис заедницата и во корелација со тие потреби да се креираат образовните политики? Дали се планира бројот на ученици и паралелки во стручните училишта според потребите на бизнис секторот? Кадровите политики најчесто зависат од ад хок политички решенија. Ги сакаме квалификуваните работници, ама не ни е од интерес да вработуваме нови и да ги обучуваме, а и оние life learning програми за квалификуваните се убави на збор, ама претставуваат трошоци.
Би предложила работодавачите да почнат да размислуваат за
- покачување на платите, не само да гледаат сеир како синдикатите се лактаат за да се зголеми минималната плата и да се подобрат условите за работа;
- вработување на млади по разни основи, практиканство, платена практична обука итн.;
- постојано дообучување и надградување на вработените;
- почитување на законите такви какви што се, зашто ако се почитуваат и такви се подобри отколку кога не се почитуваат;
- позитивна партиципација во креирањето на законската регулатива во партнерство со синдикатите;
Ако работникот е убаво стимулиран и добро платен за својата работа, стручно надградуван, обучуван континуирано за безбедно работење, обезбеден со сите алатки и потребни средства за безбедно работење долго ќе размислува дали ќе замине за Германија дури и при постоење на меѓународен договор. Дури и ако при добри услови замине тој ќе се врати, можеби и како човек кој ќе отвори свој бизнис тука и ќе биде конструктивна конкуренција.
На жалост, голем процент од бизнис заедницата е привезок на политиката и ретко кој претприемач гледа на персоналот како движечка сила која ја прави фирмата успешна. Додека на еден клик читаме дека „не треба во ниеден случај да се склучи меѓународна соработка за ангажман на квалификувана работна сила“ другиот клик не води кон „Синдикатите бараат итно зголемување на платите поради ценовниот шок“ и најавуваат генерален штрајк. Ова не води кон заклучок дека бипартитниот социјален дијалог е безживотен, а како да не знаеме што значи трипартитен.
Дали ова значи дека може да очекуваме социјални немири во нашата во четврта деценија навлезена, а се уште кревка демократија?

