- Advertisement -
ЕкономијаНовости

„Аџибадем Систина“ влегува и во здравствениот сектор во Србија

„Аџибадем Систина“ - Работник
272views

Со аквизицијата на 70 отсто на српската групација „Бел Медик Груп“ со нејзините подружници, „Аџибадем“ ја вбројува и Србија во своето европско портфолио како четврта земја на чиј пазар зема учество. Ова проширување кое преставува влез во здравствениот сектор во Србија е огромен успех за „Аџибадем“ и „Аџибадем Систина“ во нивното делување во регионот, соопштија денес од „Орка холдинг“.

„Вложувањето не само во земјата туку и во регионот, особено во периодот кога ковид кризата секаде во светот ги забави инвестициите, го сметаме за огромен успех и значаен чекор во стратегијата на ‘Орка Холдинг’ и ‘Аџибадем Систина’“, вели Антоније Мариноски, генерален директор на „Орка Холдинг“.

Српскиот „Бел Медик Груп“ управува со една болница и пет амбуланти и е еден од клучните провајдери на приватни медицински услуги на српскиот пазар, се вели во соопштението.

Новата „Аџибадем Бел Медик“ во Белград ќе биде шестата болница во Европа на „Аџибадем“ и 22-ра болница како дел од групацијата која во пет држави опслужува просечно по 5 милиони пациенти годишно.
Според Мехмет Али Ајдинлар кој e основач и претседател на „Аџибадем“ партнерство со „Бел Медик“, како еден од клучните даватели на здравствени услуги во земјата, ќе помогне во пренесување на знаењето на „Аџибадем“ во Србија со што нивото на пружање здравствени услуги во Србија ќе биде издигнато многу повисоко, водено од синергиите што ќе се создадат со „Бел Медик“.

За Јасмина Кнежевиќ, основач и главен извршен директор на „Бел Медик“ претставува огромно задоволство што „Бел Медик“ успешно стапи во партнерство со синџир болници од светски ранг.
„Според мене, од клучно значење е двете наши институции да ги делат истите основни вредности со фокус на врвната медицина, одлична грижа за пациентот и задоволство. Сигурна сум дека стратешкото спојување на двата силни бренда ‘Бел Медик’ и ‘Аџибадем’ ќе донесе здравствена заштита од врвна класа, како и важно влијание врз српската економија”, вели Кнежевиќ.

Содружници во „Аџибадем Сити Клиник“ покрај групацијата „Орка Холдинг“ заедно со КБ „Аџибадем Систина“ се и здравствениот турски гигант „Аџибадем“, Светската банка и група на бугарски инвеститори.

За потсетување, во 2016 година „Орка Холдинг““ заедно со Клиничката Болница „Аџибадем Систина“ преку ентитетот „Аџибадем Сити Клиник“ учествуваше во преземањето на најголемата приватна здравствена установа во Бугарија болницата „Токуда“, заедно со нејзините подружници – „Токуда Груп“ и потпишаа договор за спојување со „Сити Клиник“ кој тогаш беше втор здравствен оператор во Бугарија.