Вложувањето го гледате како непотребен трошок? Тешко дека ќе најдете добар работник
Автор: Бобан Илијевски
Платите тешко растат, работниците (некои и со цели семејства) заминуваат од државата. Фактот што на сезонска работа во Хрватска, од почетокот на годинава, заминале 4,000 работници плус тоа што секојдневно заминуваат во голема бројка, го потврдува токму тоа – работници во Македонија има се помалку.
Сето тоа некако ме тера да помислам дека и статистиките кои ги водат надлежните институции не ја отсликуваат реалната слика. И не сум единствениот – најголемиот дел од луѓето го мислат токму тоа.
И додека нашите работници заминуваат, дел од шефовите, сѐ уште се жалат на ниската продуктивност која, како што велат, не дава можност да се зголемат платите. И самите признаваат дека во регионот има повисоки плати и подобри работни услови кои се главните причини поради кои нашите работници ги избираат тие земји за работа.
Никако да им текне на нашите ни шефови дека во другите држави, поради недостигот на работна сила, сѐ повеќе се вложува во работникот и се почитуваат неговите права. Се исполнуваат сите одредби од колективните договори, а да не зборуваме за законите.
Кај нас уште еден проблем е што дел од шефовите на работниците гледаат како на непотребен трошок. Што значи тоа? Значи дека и на дополнителни бенефити и стимуланси кои би требало да ги применат за да ги направат попродуктивни и помотивирани работници, гледаат како на непотребен трошок.
Ваквото гледиште кај шефовите се должи на претпоставката дека ако вложуваат во работниците, побрзо ќе заминат од фирмата. И точно, има шанси тоа да се случи. Но, сѐ во животот е ризик. Ризикувате кога отворате фирма, кога склучувате брак, кога одите по улица… Ризикот е буквално насекаде. Сепак, тоа не значи дека не треба да се ризикува. Секој вистински лидер вложува во своите вработени и одблиску внимава на неговата инвестиција од почеток до крај. Затоа и ваквите лидери ги имаат најдобрите работници.
Би сакал да завршам со една кратка порака која гласи:
„Се додека вложувањето го гледате како непотребен трошок, тешко дека ќе најдете добар работник“.