Во што е тајната на балансот помеѓу работата и приватниот живот на Данците: Сѐ се вклопува во еден збор
Работното опкружување ширум светот поминува низ значајни промени, додека сѐ поголем фокус се става на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот. Наместо строга контрола и микро-менаџирање, многу компании се повеќе ја ценат флексибилноста и довербата како клучни вредности за постигнување на продуктивност и задоволство кај вработените. Многу од нив се наоѓаат во Данска.
Габриел Хоцес често повторува еден збор кога зборува за тоа како е да се работи во Данска – „доверба“.
„Никој не се обидува да ве микро-менаџира или да ви стои над глава“, вели Хоцес, кој работи во технолошка фирма во Копенхаген. „Шефовите не доаѓаат да проверуваат дали сте работеле осум или десет часа дневно, бидејќи во главно им е важно дали сте ги завршиле своите проекти. Во Данска постои голема доверба на тој начин, и јас не чувствувам хиерархија на моето работно место. Сѐ е многу демократски.“
Хоцес, кој е оженет и татко на две мали ќерки, не е изненаден што Данска доследно е меѓу петте најдобри земји во светот по рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот, пишува BBC Business.
Според најновите глобални податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), само 1,1 % од Данците мораат да работат 50 или повеќе часови неделно. Ова е значајно низок процент од светскиот просек кој изнесува 10,2 %. За споредба, тој процент во Велика Британија изнесува 10,8 %, а во Соединетите Американски Држави – 10,4 %.
Меик Викинг, автор на книгата The Art of Danish living (Уметноста на данскиот живот), одамна ја смета својата татковина за одличен пример кој другите земји би требало да го следат кога се во прашање политиките на работните места.
„Данците всушност се среќни со својата работа“, вели тој за BBC. „Речиси 60 % од Данците велат дека би продолжиле да работат дури и ако добијат на лотарија и станат финансиски независни.“
Викинг, кој е и директор на данскиот истражувачки центар The Happiness Research Institute(Институт за истражување на среќата), истакнува неколку политики кои придонесуваат за посилна рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот во Данска.
Политиките вклучуваат право на најмалку пет недели платен одмор годишно, покрај државните празници. Во Велика Британија поголемиот дел од работниците имаат право на 5,6 недели платен одмор, додека во САД само 11 дена.
Данска исто така нуди и породилно и татковско отсуство од шест месеци кое е многу великодушно. Во Велика Британија, таткото или партнерот кој не раѓа, обично има право на една до две недели платено отсуство.
Во САД постои само федерална гаранција за неплатено родителско отсуство, иако некои сојузни држави, како Калифорнија, сега нудат платено отсуство од работа по раѓање на детето.
Довербата пред сѐ
Викинг е уште еден Данец кој го истакнува концептот на доверба на шефовите во вработените дека ќе ја направат вистинската работа. Тој наведува пример со персоналот во забавниот парк Тиволи Гарденс во Копенхаген, каде се применува правилото од три метри.
Идејата е да бидете директор на сѐ што се наоѓа во радиус од три метри околу вас. „Ако видите ѓубре во својот радиус од три метри, го собирате, а ако видите гостин кој бара нешто, го сопирате и му нудите помош“, објаснува Викинг.
Додава дека, кога вработените ја преземаат одговорноста за својот простор, тоа може да им помогне да се чувствуваат посилно и по-ценето, што во голема мера придонесува позитивно да се чувствуваат на работните места.
Џанин Лешке, професорка на Одделението за менаџмент, општество и комуникација на Копенхагенската бизнис школа, вели дека Данска дефинитивно „не е работна култура во која морате да бидете присутни и достапни во текот на целиот ден и вечер за да покажете дека напорно работите цело време.“
Наместо тоа, вели таа, флексибилноста во текот на работниот ден на вработените им дава време кое им е потребно, на пример, да ги земат децата од училиште или градинка. „Работниот ден не мора официјално да заврши во пет или шест часот, а тоа привлекува многу Данци кои имаат деца.“
Нема работење за време на викенд
Хоцес забележал дека некои работодавачи во САД очекуваат нивниот персонал да биде достапен преку викенд за да одговори на понекој меил или порака. Таквиот вид на прекувремена работа не се вклопува во неговата визија за позитивен баланс помеѓу работата и приватниот живот.
„Кога од мене би се очекувало да одговарам на повици за викенд, тоа за мене би било црвено знаменце и најверојатно би ја променил работата“, вели тој. „Но, досега ми се нема случено, ниту пак знам да му се случило на некој што го познавам“.
Каспер Раучман, генерален директор и основач на технолошката компанија SparkForce со седиште во Копенхаген, вели дека неговиот опуштен стил на лидерство бил познат кај поголемиот дел од Данците. „Не морате да ме прашувате дали порано можете да си заминете“, вели тој. „Никој не ја злоупотребува мојата љубезност.“
Господин Раучман додава дека елементот на доверба е толку вкоренет во данската култура што посетителите на Данска често се зачудени колку тоа може далеку да оди. Исто така ја истакнува и великодушноста на данскиот систем за социјална заштита и фактот дека фирмите мораат да им обезбедат финансиски надомест на вработените кои ќе добијат отказ.
„Ако ја изгубите работата, Владата е тука да ви помогне“, додава господин Раучман.
Иако другите земји можат многу да научат од данската рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, вели дека таа има и некои мани. „Некои луѓе можат премногу да се потпираат на таа сигурносна мрежа и тоа може да им сигнализира дека не мораат да преземаат вистински ризици, поради што сме и помалку претприемачки настроени во споредба со САД.“
Извор: BIZLife/M.S.
Фото: Unsplash
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025
- МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ СЕ ВИСОКО АНГАЖИРАНИ, НО МНОГУ ГНЕВНИ: Состојбата во Европа со ангажираноста на вработените со акцент на Македонија - 13/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: КАДЕ ДА ПРИЈАВАМ МОБИНГ? - 10/04/2025