Газди, работници и неработници

Автор: Бобан Илијевски

Драги читатели, работници, од кога започнав да пишувам колумни мојата цел е едноставна и единствена, а тоа е да се крене свеста за работничките права. Друга цел немам, освен постојано да ја потенцирам потребата од тоа колку е важно да се зборува на темата „работнички права“ секој ден.

Немам намера да давам некому памет, ниту да изигрувам „паметњаковиќ“, туку единствено сакам да започнете да се борите за своите права коишто ви следуваат согласно законите, колективните договори и меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот. Немојте да се навикнувате да живеете за малку и престанете да ја користите фразата: „Ех колку толку, важно има“. Размислувајќи на овој начин можете само да стагнирате, односно да стоите во место. Информирајте се за тоа што ви следува законски и барајте го од работодавачите. Ако бидете уценувани и заплашувани, тогаш пријавувајте.

Сосема ми е јасно дека голем дел од Вас се плашат да ги кажат своите работнички маки, поради страв од тоа да не добиете отказ од работа. Се плашите вашите деца да не страдаат, па затоа останувате на работното место и покрај тоа што ви е ужасно тешко и неподносливо, до тој степен што кога одите накај работа нозете ви се враќаат назад. Познато ми е тоа чувство. И јас го поминав истото.

Верувајте кога ви кажувам, газдата кога гледа дека останувате на работа и покрај сите тие прекршувања на вашите работнички права и мобинг или малтретирање, тоа му дава уште повеќе мотив за да го прави истото. Кренете го вашиот глас и пријавете. Еднаш, двапати, трипати… Друга опција немате. Ако сакате да се подобрат условите за работа, мора да дејствувате.

За да бидам фер морам да нагласам уште една работа. Не сите работодавачи се газди. Има и такви коишто ги ценат, почитуваат, па и наградуваат вработените. Со оглед на тоа, има порачувам на сите оние неработници, да не ја злоупотребуваат нивната добрина и да не им ја уништуваат работната средина на вистинските работници. Колку и да не му се допаѓа некому, неработници има. Фер е тоа да се предочи и укаже.

Порталот којшто го водам се нарекува Работник, но тоа не значи дека ги оправдува и безусловно ги поддржува постапките на оние коишто не сакаат да вложат труд и коишто ја злоупотребуваат добрата волја на работодавачите, оние вистинските кои ги ценат своите вработени. Колку што газдите се лоши за вистинските работници, толку се и неработниците.