СветСветот на работникот

Генералниот директор на Рено даде оставка за да се посвети на модата: Станува прв човек на три славни брендови

Генералниот директор на францускиот производител на автомобили Рено (Renault), Лука де Мео, ја напушта автомобилската индустрија за да стане извршен директор на француската мултинационална компанија Kering, под чија капа се наоѓаат светски познатите модни брендови Гучи (Gucci), Сен Лоран (Saint Laurent) и Ботега Венета (Bottega Veneta), пренесе Ројтерс.

Де Мео го презема кормилото на Kering во период кога резултатите на компанијата се во опаѓање последниве неколку години, што ја доведува во прашање ефикасноста на досегашната стратегија и раководство.

Во последните две години, акциите на Kering загубија повеќе од 60 проценти од својата вредност, при што компанијата се соочи со низа предупредувања за пад на профитот и чести промени на дизајнери во Гучи – бренд кој и натаму е клучен извор на приход и добивка за групацијата.

Доаѓањето на нов генерален директор означува и потенцијален пресврт за Kering, кој не успеа да ги убеди инвеститорите во досегашните планови за заживување на брендот Гучи.

Лука де Мео беше назначен за генерален директор на Рено во јули 2020 година, а подоцна ја презеде и функцијата претседател на Управниот одбор. За време на своето петгодишно раководење, успешно ја трансформираше компанијата, го реформираше долгогодишниот стратешки сојуз со Нисан, и се фокусираше на хибридни технологии и транзиција кон електрични возила.

Извор: Telegraf Biznis/Tanjug