Ги уназадуваат работничките права, а велат чекориме кон ЕУ – Има ли логика?

Автор: Бобан Илијевски

Не знам веќе што да кажам. Не знам веќе дали воопшто властодршците размислуваат за своите постапки. Предлог Законот за систем на плати во јавниот сектор покажува дека очигледно не размислуваат.

Според она што го велат експертите, овој Закон ќе значи намалување на работничките права и исклучување на синдикатите од социјалниот дијалог.

Пред некој ден, во интервју за порталот „Локално“, универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски за Законот го кажа следното:

„Целиот концепт на утврдување на плати на овој начин е изместен од трудово-правниот систем на Македонија. Овие и некои други предходни решенија повеќе наликуваат на законската рамка од 1957 и системот на „двоен колосек“ каде јавната администрација всушност беше третирана како државен апарат од „сталинистички тип, отколку модерен трудово-правен систем согласно принципите на социјалната демократија“, рече Јовевски за „Локално“.

Земајќи ја во предвид намерата на Владата да воведе едно вакво законско решение, за кое не е консултиран ниту еден од синдикатите кои имаат членство во јавниот сектор, може да се констатира дека намерно се избегнува воспоставувањето на социјален дијалог и еднострано се одлучува како ќе бидат определени платите во јавниот сектор.

Со ваквите постапки, Владата уште еднаш му демонстрира на приватниот сектор, каде ситуацијата со работничките права не е добра, како се намалуваат истите.

Исто така, тоа значи дека се прекршуваат и конвенциите на Меѓународната организација на трудот коишто државава ги има ратификувано, но и европските стандарди кои подразбираат унапредување на работничките права.

Ниедна земја членка на Европската унија не би се осудила да направи сличен преседан, а камо ли да воведе едно вакво законско решение.

Колку за потсетување, неодамна без никаква консултација со синдикатите, беше укинат и Колективниот договор во Министерството за земјоделство. Ова е уште еден показател за тенденцијата да се намалат работничките права во Македонија.

Мислам дека ќе биде убаво малку да застанат и да погледнат кон Запад, односно кон САД, каде работниците, благодарение на политиките од тамошната Влада, успеваат да формираат синдикати во компании кои со децении беа анти-синдикално настроени.

Преку намалување на работничките права, не чекориме кон европските вредности. Напротив, се оддалечуваме се повеќе и повеќе.

Колумната не ги изразува ставовите на порталот Работник

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.