Секретарка во регулаторно тело има плата од 90.000 денари, тврди Ковачевски
Владата работи на подготовка на закон за плати во јавниот сектор со којшто ќе се стави конзистентност и ред во исплатата на платите во државата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој во врска со растот на функционерските плати по одлуката на Уставниот суд уверуваше дека треба да има закон за плати.
-Ние сега имаме разни колективни договори, кои на работниците со исто ниво на одговорност во разни области им овозможуваат различно ниво на плата. Или кај функционерите. Имате пратеник во Собранието, кој има, на пример, плата од 60.000 денари, а имате секретарка во одредено регулаторно тело, која има 90.000 денари плата. Тоа е неконзистентност. Едно такво работно место да има поголема плата од претседател на држава. Затоа е подготовката на овој закон за плати, рече премиерот Ковачевски по отворањето на самитот „Македонија 2025“ одговарајќи на новинарско прашање дали ќе предложи Собранието да ги смени одредбите со кои им се покачија платите на функционерите.
Според него, врз основа на сите инпути од институциите законот ќе биде ставен на јавна расправа, како и на ЕНЕР.
-Мислам дека веќе е подготвена и првична верзија по која низ собраниска процедура ќе треба да се изјаснат сите политички партии, рече Ковачевски.

